X
 03.07.2026 Живот

Казна од 200 евра ако седнете под сенка - новите мерки во Словенија ги налутија туристите

Една од најпосетуваните туристички дестинации во регионот, словенечки Блед, се најде во центарот на контроверзии по воведувањето строги правила на однесување во крајбрежниот дел на езерото. Туристите што планираат да се засолнат од жештините под дрвјата би можеле да останат „покуси“ за 200 евра.

Комуналните служби ги засилија контролите на потегот меѓу Грајското капалиште и хотелот „Гранд хотел Топлице“. На оваа делница сега е строго забрането капење, лежење и одморање.

Кршење на човековите права или заштита на природата?

Оваа одлука на локалните власти предизвика лавина негативни коментари на социјалните мрежи. Туристите се огорчени, особено поради фактот што мерките се воведени среде летните жештини.

Реакции на јавноста: „Што работеше денес? Ништо, му напишав казна на човек што седеше во сенка“, е ироничниот коментар кој најдобро го отсликува незадоволството на посетителите. Многумина сметаат дека казнувањето на луѓето што бараат малку сенка под дрвјата е „кршење на човековите права“.

Од друга страна, Меѓуопштинската инспекција на Блед, Бохињ и Железники ги брани овие мерки. Целта не е, како што наведуваат, „полнење на буџетот“ со казни, туку зачувување на природата, спречување на ерозијата на брегот и одржување на редот на една од најоптоварените локации во Словенија.

 
Каде е алтернативата?

На посетителите им се посочува да ги користат уредените површини, како што е просторот на Стража, каде што се достапни лежалки и придружни туристички содржини. Меѓутоа, критичарите тврдат дека ваквите решенија, иако се уредени, не можат да ја заменат природната сенка во врелите денови.

Прашањето што останува отворено е дали овие мерки ќе го заштитат брегот на Блед или, на долгорочен план, ќе ги избркаат туристите што ваквиот пристап го доживуваат како претерано ограничување на слободата на движење и престој во природата.

Извор: бука
Фото: фејсбук

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот