Научници и дизајнери неодамна се здружија за да создадат алатка која би им покажала на Австралијците каква ќе биде климата во нивните градови во 2050 година и тоа доведе до возбудливо откритие.
- За 30 години зимата каква што ја знаеме нема да постои - истакна истражувачот Џеф Хинчлиф, откривајќи уште една климатска промена која веројатно драматично ќе го промени животот на Земјата.
Тимот составен од дизајнери од Училиштето за уметност и дизајн и Институтот за климатски промени при Австралискиот национален универзитет се потпирал на податоци од Бирото за метеорологија и научни информации за земјопоседници.
Штом ги собрал податоците, тимот од Универзитетот размислувал како да ги претстави на начин кој би имал голем одек кај публиката.
- Тоа значеше користење на боја, форма и големина околу композиција што ќе покажува температурни вредности од цела година во само една слика. Тоа визуелно ја збогатува и ја прави интересна, а дава и многу детали на начин кој емотивно се поврзува со луѓето преку лоцирање во нивниот град - истакнува Хинчлиф.
Додека ја создавал алатката, тимот забележал дека проекциите не ја следеле шемата на сегашните четири годишни времиња.
- Ги погледнавме историските просеци на температурите во секое годишно време и ги споредивме со проектираните податоци и она што го најдовме секаде е дека нема период на долготрајна или долга зима - објаснува Хинчлиф.
Наместо зима, истражувачите веруваат дека Австралијците ќе имаат пролет, есен и подолга сезона која тие ја нарекуваат ново лето. Во текот на оваа нова сезона температурите постојано ќе достигнуваат 40 Целзиусови степени и тоа ќе трае подолго време, покажуваат предвидувањата.
Ова не е единствената иницијатива чија цел е презентирање на климатските предвидувања пред јавноста на начин кој би имал влијание.
Во февруари американски истражувачи претставија слична апликација која ја споредува климата на американските градови во 2080 година со климата на други градови денес. На пример, забележано е дека климата во Вашингтон во 2080 година веројатно ќе биде слична на онаа што денес ја има северен Мисисипи.
Со презентирање на климатските предвидувања на начини со кои јавноста може директно да се поврзи, научниците може да успеат да направат да изгледа дека климатските промени се поитни - што би служело само да ни помогне да се осврнеме на проблемот пред да ја доживееме нашата последна
зима.