X
 23.08.2018 Наука

Климатските промени ги збунија штрковите - порано си заминаа на југ



Поради исклучително жешкото и суво време годинава, штрковите порано си заминаа од Полска.

Белите штркови одлетаа на југ каде што ќе ја поминат зимата, а стручњаците тоа го поврзуваат со климатските промени.

Полска има голема популација на бели штркови кои секоја пролет доаѓаат од Африка за тука да го поминат летото, пред да се вратат на југ кон крајот на август.


Штркови во гнездо
(Фото: Pixabay)


Габриела Кулаковска, орнитолог во Полското здружение за заштита на птици, истакна дека многу штркови годинава си заминале две недели порано од вообичаеното.

„Гнездата во селата веќе се празни“, рече таа.

Орнитолозите велат дека никогаш претходно не забележале ваков случај, наведува агенцијата „Асошиејтед прес“.

Кулаковска посочи дека временските услови ова лето се резултат на климатските промени, што придонело за „годинешново порано заминување на пат“.

Сепак, постојат извесни несогласувања околу причината за оваа необична појава, пишува агенцијата.

Затоа што оваа година и летото почна порано, порано се создале и поволни услови за размножување, исхрана и раст на пилињата, како и за собирање енергија за почеток на нивниот долг лет назад во Африка.

Од Полското здружение за заштита на птици порачуваат дека поради овогодишните летни суши, имало и помалку инсекти, змии, гуштери, жаби и мали цицачи кои им служат како храна на штрковите.

Секоја година во Полска доаѓаат околу 50.000 бели штркови, што е речиси 20 проценти од вкупната светска популација, наведува агенцијата, додавајќи дека нивниот број постојано се намалува.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука