Студентката на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје добила понуди за соработка со познати српски стилисти, што ѝ овозможило српската пејачка Едита Арадиновиќ на свој настап да носи нејзина креација
Анастасија Петрески од Кичево е студент на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје на насоката дизајн и инженеринг на облека и иако има само 21 година, веќе станува препознатлива млада дизајнерка на македонската модна сцена. Покрај ангажманот околу студиите, таа има креирано свој моден бренд по име MONDISH и има учествувано на две модни ревии со своите креации. Во интервјуто за Факултети.мк, Анастасија вели дека женското тело треба да е прикажано само на уметнички начин, а не на вулгарен и дека на модата во Македонија не ѝ се придава доволно значење.
Анастасија е млада, амбициозна студентка која има цел нашата мода да ја издигне до светско ниво. Пред неколку години почнала со цртање модни илустрации, по што неодамна отворила инстаграм-профил MONDISH, каде што ги објавува своите цртежи, што дополнително ѝ помогнало да одлучи дека модата е тоа што сака да го работи.
Како што вели, желбата и напорната работа се доволни за да се постигне сѐ што се сака и покрај тоа што смета дека студирањето во странство има поголеми предности, првенствено поради многуте престижни факултети во Европа. Таа вели дека на тие универзитети на студентите што студираат дизајн им се многу пошироко отворени вратите кон успехот.
На прашањето колкава предност нуди виртуелниот свет на модата за иновации, усовршување и инспирации, Анастасија посочува дека во денешно време социјалните мрежи даваат можност и претставуваат големо олеснување во поглед на пристапот до светот. Но, сепак, нејзина главна мотивација е фактот дека сѐ уште постојат работи кои не се видени, односно измислени и самиот термин „иновативност“ значи да не се вртиме околу едно исто, туку да се разбие монотоноста во здодевните трендови. Според неа, идеите не треба да се бараат на интернет, туку на лист пред нас, со молив в рака и жанр на музика кој одговара на темата на колекцијата.
Анастасија објаснува дека креациите, дизајнот и идејата ги подготвува самостојно, единствено добива помош околу шиењето. Нејзината љубов кон модата, односно кон убавите креации се јавила кога била мала, кога со огромен интерес и возбуда почнала да ги следи модните ревии на телевизија. И покрај тоа што не знаела што значи поимот илустрација, таа почнала да ги прецртува моделите од списанијата, а со текот на времето почнала да црта свои модни илустрации.
Цртањето станало дел од нејзиниот живот, затоа и се определила да студира дизајн на облека и инженеринг. Креациите ѝ станале опсесија, која веќе почнува да ѝ го отвора патот кон реализација на нејзиниот сон. Досега веќе учествувала на две модни ревии - едната организирана од страна на факултетот, а другата на настанот Expo.30 заедно со уште 10 македонски дизајнери. Шансата со своја креација како студент да учествува на оваа ревија ја добила од нејзината професорка Лидија Георгиева.
За својата досегашна работа, Анастасија вели дека е задоволна бидејќи добива низа позитивни реакции и коментари за нејзините креации. Можност за проширување на нејзината работа и поголема афирмација добила по понудите за соработка од познати српски стилисти, што ѝ овозможило да соработува со актуелната српска пејачка Едита Арадиновиќ, која на својот настап носела нејзина креација. Исто така, добила и пораки од некои доста познати српски пејачки, поради што се надева дека ќе оствари соработка со нив и дека наскоро и тие ќе носат нејзини креации. Но и покрај ваквите понуди и желбата да започне со реализација на своите дизајнерски проекти, Анастасија во моментов пред себе ја има поставено целта да го заврши факултетот. Притоа не се откажува од нејзините амбиции и паралелно работи на реализација на идни соработки за нови креации, модни ревии, успеси кои ќе ѝ овозможат нејзиниот бренд да стане препознатлив не само во нашата земја, туку и пошироко.
Фото: приватна архива