X
 31.08.2018 Образование

ТМФ во Скопје - домаќин на втората Sarcos Cost – Rilem школа за обука на докторанди и млади истражувачи

Учесниците на школата ќе имаат можност да ги надградат своите знаења преку предавањата на реномирани професори кои доаѓаат од светски етаблирани високообразовни универзитети, од неколку земји


Технолошко-металуршкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје ќе биде домаќин на Школата за обука на докторанди и млади истражувачи што ќе се одржи од 2 до 7 септември. Школата  ,,Современи материјали и технологии базирани на неоргански врзива“ (Advanced materials and technologies based on inorganic binders) содржи едукативен дел - предавања, лабораториски вежби и професионална посета. Таа се одржува во рамките на европската програма за научна и технолошка соработка (COST Еuropean Cooperation in Science and Technology), во согласност со COST акцијата: CA15202 Self-healing as Preventive Repair of Concrete Structures (Самозалекување како превенција за поправка на бетонски структури).

Проф. Емилија Фиданчевска од Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје

Школата е финансирана од COST, со научна поддршка од RILEM (Меѓународна унија на експерти за градежни материјали, системи и структури, www.rilem.net) и официјално е влезена во календарот на годишните активности на оваа организација.

Учесниците на школата ќе имаат можност да ги надградат своите знаења преку предавањата на реномирани професори кои доаѓаат од светски етаблирани високообразовни универзитети, од неколку земји, и тоа: Техничкиот универзитет од Данска (Technical University of Denmark), Технион - Институтот за технологија од Израел (Technion – Israel Institute of Technology), Универзитетот во Гент, Белгија (Ghent University - Belgium), Политехничкиот универзитет од Милано (Politecnico di Milano - Italy), Универзитетот за технологија - Делфт од Холандија (Delft University of Technology -Netherlands), Универзитетот од Негев, Израел (University of Negev - Israel), Универзитетот во Нови Сад (University of Novi Sad - Serbia) и домашни институции, како што се Технолошко-металуршкиот факултет и Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС).

Гипс од КНАУФ –Радика, Дебар. Дел од подготовките за лабораториските вежби

Учесниците на школата ќе имаат можност да ги посетат Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), Заводот за испитување на материјали и развој на нови технологии (ЗИМ „Скопје“ - АД Скопје) и Цементарница Усје - АД Скопје Групација Титан, во кои ќе се реализираат лабораториските вежби. Во компанијата КНАУФ Радика од Дебар ќе се реализира професионална посета каде што учесниците ќе се запознаат со уникатниот гипс од нашата татковина, но воедно ќе ги прошират своите знаења за гипсот како суровина за производството на врзива и производи од гипс, нивните карактеристики и примената.

Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС)

Планирањето на школата за обука на докторанди и млади истражувачи е направено во соработка со Институтот за технологија Техникон од Израел и Техничкиот универзитет од Данска. Учесниците на школата ќе добијат тригодишно членство во RILEM, и доколку успешно ги исполнат сите обврски што се предвидени, ќе добијат по 5 кредити (ЕКТС). Школата е предвидена за 45 домашни и странски студенти, т.е. студенти докторанди и млади истражувачи.

- Во рамките на школата учесниците не само што ќе имаат можност да го збогатат своето знаење и искуство од професионален аспект, туку преку организирани културно-забавни настани учесниците ќе бидат запознаени со нашата култура, традиција и менталитет – објаснува проф. Емилија Фиданчевска од Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје.

Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС)

Школата за обука ќе се реализира на две локации: во Скопје (2-5 септември) и во Охрид (6-7 септември). Главни теми на оваа школа за обука на докторанди и млади истражувачи се оние што се дефинирани како приоритети во COST акцијата CA15202, каде што самозалекувањето кај градежните материјали е дефинирано од аспект на користење бактерии, соодветни полимери, композити, неоргански материјали и наноматеријали. Современите технологии овозможуваат нови функционални карактеристики на традиционални производи. На пример, наноматеријалите имаат широка примена во различни области од нашето секојдневно живеење, како во медицината, фармацијата, заштитата на животната средина, енергетиката и други области, но во рамките на овој курс ќе се потенцира нивната примена во градежниот сектор.

Заводот за испитување на материјали и развој на нови технологии (ЗИМ „Скопје“ АД Скопје)

- Тргнувајќи од фактот дека нашиот факултет е носител на студиската програма „Инженерство на материјали и нанотехнологии“ каде што се изучуваат материјалите, како што се: полимери, метали, керамика и композити, од самата нивна синтеза па сé до крајната примена, а како домаќин на оваа школа, нашиот придонес ќе биде фокусиран на нагласување на улогата на наноматеријалите во градежниот сектор, т.е. нивната улога во својствата на градежните материјали. На учесниците на школата ќе им бидат презентирани теоретски и практични аспекти за примената на наноматеријалите, почнувајќи од методите по кои тие се синтетизираат па сѐ до нивниот придонес на крајните особини на производите. Верувам дека учесниците ќе го завршат овој курс со стекнати нови професионални искуства и пријателства, исполнети со многу спомени од нашата култура и традициja, запознавајќи го вистинскиот пријателски дружељубив македонски менталитет и желбата повторно да ја посетат нашата земја – вели проф. Фиданчевска.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование