X
 14.04.2021 Образование

Се менува Законот за наставници и стручни соработници во основно и средно: На неопределено треба да се пријават околу 3.000 лица

Владата, на предлог од Министерство за образование и наука, вчера го утврдила текстот на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за наставниците и стручните соработници во основните и во средните училишта. Со ова, како што информираа владините портпароли Душко Арсовски и Муамет Хоџа, се создава правна и економска сигурност на наставниците и стручните соработници преку засновање на работниот однос на неопределено време. Претходно наставниците и стручните соработници беа неколкупати вработувани на јавни огласи на определено време пред да ги исполнат условите за трансформација на работниот однос.
 
- Преку оваа измена се подобруваат можностите за професионален и кариерен развој и се воведуваат нови можности за стручните соработници. Со предложените измени ќе им биде трансформиран работниот однос од определено на неопределено време на околу 3 илјади наставници во основните и во средните училишта - објаснија тие.  
 
На вчерашната седница е утврдена содржината на предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и во средно образование. Со него, како што кажаа, се очекува да се подобри квалитетот на учебниците во основното и во средното.

- Се обезбедува транспарентност на постапките за набавка на учебници, се поставуваат механизми за контрола на содржината за да се спречи влез на дискриминирачки содржини. Се обезбедува дигитализација и пристап на учебници за лицата со оштетен вид - објаснуваат портпаролите.
 
Од прво до трето одделение учениците ќе користат учебници во печатена форма, а од четврто до деветто одделение во основното образование, како и учениците во сите години од средното образование, ќе користат учебници во дигитална форма и наставен и дидактички материјал во електронска форма.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование