X
 08.12.2018 Живот

15-годишната Грета Тунберг: „Не дојдовме тука да ги молиме светските лидери да се грижат, туку да им кажеме дека доаѓа промена!“

15-годишната Грета Тунберг гостува на СОP24-говори за климата што ќе се одржат оваа недела и наредната во Полска. Таа, во име на светското младинско климатско движење, им даде укор на дипломатите, директори и избрани лидери на конференцијата, велејќи дека не е таму за да побара помош од нив или да побара од нив да се придржуваат до барањата, туку да им даде до знаење дека новите политички реалности и трансформацијата на обновлива енергија доаѓаат без разлика дали тоа им се допаѓа или не.

- Бидејќи нашите лидери се однесуваат како деца, ќе мора да ја преземеме одговорноста што требаше да ја имаме веќе одамна - изјави Тунберг, која стана меѓународно позната поради нејзините неделни протести за климата пред нејзиното училиште во Шведска.

1
Фото: UNFCC COP24 / Screenshot


Тунберг рече дека не бара ништо од собраните лидери - дури и кога седеше веднаш до генералниот секретар на ОН, Антоион Гутерес.

- Луѓето треба да сфатат дека нашите политички лидери не успеаја, бидејќи се соочуваме со егзистенцијална закана и нема време да продолжиме по овој пат на лудило - порача таа.

Објасни дека додека светот троши околу 100 милиони барели нафта секој ден, не постои политика што ќе го промени тоа.

- Не постои политика што ќе ја задржи нафтата во земјата. Повеќе не можеме да го спасиме светот играјќи според правилата, бидејќи правилата мора да се променат - вели 15-годишната Грета Тунберг.

- Не дојдовме тука да ги молиме светските лидери да се грижат за нашата иднина. Тие нè игнорираа во минатото и ќе нè игнорираат повторно. Дојдовме тука да им кажеме дека промените доаѓаат без разлика дали тоа им се допаѓа или не. Климатската криза е најголемата криза со која се соочило човештвото. Прво треба да го сфатиме ова, а потоа што е можно побрзо да направиме нешто за да ги спречиме емисиите и да се обидеме да го спасиме она што можеме да го спасиме - порачува таа.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот