X
 29.10.2022 Наша тема

Маја Трајковиќ, најдобра училишна библиотекарка: „Книгите нудат нови светови во кои децата се пронаоѓаат и забораваат на мобилните телефони“

Би сакала да ги воведеме европските искуства каде што нивните министерства ги откупуваат книгите од издавачките куќи и ги носат во училишните библиотеки за да пробудат поголем интерес за читање кај децата, но и ревизија за употребата на посовремени лектирни изданија, вели Маја Трајковиќ

Според Сојузот на просветните работници на Македонија, за најдобар просветен работник од стручна служба е прогласена Маја Трајковиќ, библиотекарка во „Невена Георгиевска-Дуња“- Скопје.

- Ова признание за мене е подигнување на свесноста за улогата на стручниот соработник - училиштен библиотекар во воспитно-образовниот процес, но и вреднување на мојата заложба дека училишните библиотеки не се безгласни и безлични и не се изложени на изолација од страна на општеството - истакнува нашата соговорничка Маја.

Библиотекарите формираат личности кои подоцна стануваат активни двигатели во сите сфери на нашето секојдневие.

- Ние им ги доближуваме книгите преку кои детските умови ги осознаваат интелектуалните откритија, енциклопедиските знаења, историските обележја, цивилизациските придобивки, културолошките специфичности, ставовите и размислувањата на големите умови од кои се поттикнуваат креативни, иновативни и убави размисли за лични преобразби кај децата и притоа овозможувајќи им индивидуални пристапи, за тие да се стремат кон промени во општеството. Библиотеките се културни институции каде што се негува писменоста, но дефиницијата за писменоста не се однесува само на читање и пишување, туку и на користење на јазикот, математичките проблеми, креирањето аудио и видеозаписи, познавањето афирмирани уметници, посетите на галерии и музеи, користењето на сметачите, интернетот, компјутерите и сите други основни начини на разбирање и општење меѓу луѓето. Ако не беше вклучена поддршката од учениците, наставниците и родителите, никогаш немаше да го добијам ова престижно достигнување - вели Маја.



Постојано себеунапредување

За една библиотекарка да има извонреден и продуктивен ден, најважна е изготвената програма со план за личен и професионален развој, како и годишна програма според која библиотеката има јасна стратегија за секојдневно планско изготвување за идентификување на потребите кај своите корисници.

- Институциите од областа на културата и образованието, во случајов библиотеките, остануваат отворени за своите корисници со настани како книжевни работилници со писатели и поети, едукативни предавања со различни експерти, обучувања, детски работилници, посети на медијатеки, музеи, јавни библиотеки, промоции на книги, галерии. Сериозна и одговорна задача е пред нас библиотекарите затоа лично се обидувам да ги унапредам дигиталните компетенции и дигиталната обработка на педагошките иновации, за да можам да ги понудам образовните концепти што не ја конципираат единствената идеја за самонасочено учење кај учениците, туку и ја адаптираат реалноста описменувајќи ги да ги прочитаат е-билтените, презентациите, знаците, симболите, е-брошурите за следење на превозните средства, мапите, пополнувањето на личните биографии и стекнувањето на основните компетенции за полесно приспособување кон сите животни предизвици што им претстојуваат - посочува нашата соговорничка.

Повеќе книги, помалку телефони


Според нејзините сознанија, децата читаат лектирни изданија, но повеќе преферираат да ги читаат преведените книжевни изданија од странски автори, како и книгите напишани на другите светски јазици, претежно од англиско говорно подрачје. Најбараната книга е: „Волшебникот од Оз“, книга која ја буди детската имагинација кон нови волшебни светови.

- Но, освен навиките за читање, тие учествуваат на книжевните конкурси и пишуваат раскази и песни. Доказ е интересот за читање во периодот на пандемијата. Училишната библиотека ја почувствува новата реална ситуација, во која учениците од прво до трето одделение одеа на настава, додека преостанатите одделенија со ученици од основните и средните училишта не ја посетуваа наставата и затоа како неопходна и како неделива целина од наставата таа ги искористи новите интернет-алатки овозможувајќи им на учениците виртуелен, но практичен пристап со свои катчиња на онлајн платформата каде што тие можеа да ги позајмуваат лектирите и книгите во електронска форма, како и да ги позајмуваат сите помошни дигитални книжни и книжевни ресурси за читање и обработување - споделува Трајковиќ.

Маја Трајковиќ има работно искуство од десет години како наставник по француски јазик, магистер е по менаџмент во образование, но од оправдани причини ја променува оваа професија и веќе шест години работи како библиотекарка.


- Секако дека за новата трансформација на работниот однос беа неопходни одредени компетенции овозможени со обуки, семинари, меѓународни конференции, едукативни предавања, размена на искуства, соработка со обучувачи во информатиката, едукатори и професори од НУБ ,,Св. Климент Охридски“ - Скопје. Најмногу ме радува кога книгите на полиците во библиотеките, кои претставуваат огледала во кои се огледуваат човечките души и се единствените кои ги раскажуваат сите подеми и падови низ кои поминало човештвото низ векови, ги позајмуваат децата. Впрочем, книгите нудат нови домови, нови светови во кои децата се пронаоѓаат, но и забораваат на честата употреба на компјутерите и мобилните телефони - ни изјавува Трајковиќ.

Библиотекарството е потценето

Според неа, оваа професија не е вреднувана во нашето општество.

- Вината не ја пронаоѓам само во образовниот систем, туку и во самите чинители, поточно во директорите и училишните библиотекари. Честопати директорите на училиштата на овие работни места распределуваат човечки ресурси кои немаат часови или, пак, по лични барања на наставниците кога немаат волја и капацитети да ги исполнат нивните работни задолженија како наставници, па преминуваат во библиотекари сметајќи дека издавањето книги и учебници им се единствените работни задолженија. Исто така, честопати директорите ги пренаменуваат библиотеките во простории за други образовни цели или во простории за изнајмување. Би сакала Министерството за образование и наука да нè вклучи во обуки, семинари и меѓународни конференции за стекнување знаења поврзани со дигитални мобилни и други интернет-апликации. Би сакала да истакнам дека е потребен системски пристап меѓу Министерството за култура и Министерството за образование бидејќи овие две министерства се неделива целина и една од стручните компетенции на стручен соработник-библиотекар е дигитализирање на библиотечниот фонд или електронско внесување на библиотечниот фонд во електронска програма за исползување во софтверот „COBISS“, како и вмрежување со сите јавни библиотеки низ државата и низ другите земји - изјавува нашата соговорничка.

Еден од поновите предизвици е педагошката служба при МОН да поведе посебна грижа за доставување нови учебници, бидејќи веќе неколку години се користат истите учебници или пак постои недостиг од нив.



- И покрај пишаната кореспонденција дека училиштата имаат потреба од нови учебници, бидејќи законот предвидува бесплатно образование за секое дете, но не го спроведува докрај, родителите се принудени да се снаоѓаат како знаат и умеат за да им обезбедат материјал за учење на своите деца. Има многу други предизвици, меѓу кои и зголемување на предвидениот годишен буџет за училишните библиотеки за надополнување на книжевниот фонд. Би сакала да ги воведеме европските искуства каде што нивните министерства ги откупуваат книгите од издавачките куќи и ги носат во училишните библиотеки за да пробудат поголем интерес за читање кај децата, но и ревизија за употребата на посовремени лектирни изданија. Библиотеките и улогите на училишните библиотекари кои се соочуваат со дигиталните предизвици се оние што мораат да ги изберат веродостојните описменувања, бидејќи се главните чинители во создавањето на една личност. Тие мора да се изборат со сите општествени предизвици, бидејќи се основната институционална клетка која ќе ги прифати, ќе ги анализира и ќе ги интерпретира сите неписмени или погрешни податоци и информации и ќе ги насочи децата на вистинските описменувања. Затоа се светилници и темели на секое општество - завршува библиотекарката Маја Трајковиќ.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема