Научници предвидуваат дека тоа би можело да се случи за околу 10 милијарди години, во некоја далечна, за нас незамислива иднина. Веќе со децении тие следат што се случува со животот на оддалечените ѕвезди и од каква природа е нивниот живот, а првпат на тој начин успеале да соберат доволно податоци за да можат да го предвидат моментот што нам ни се чини речиси незамислив. Умирањето на Сонцето.
Во истражувањето објавено во магазинот „
Nature Astronomy“ неколку астрономи од различни краишта на светот употребиле податоци за масата и типот на ѕвездата, и со новиот начин на обработка на податоците успеале да состават формула што може да покаже дали ѕвездата креира масивна планетарна магла во моментот на својата смрт. Досега не можеле да го предвидат нејзиниот сјај, а сега конечно добиле одговор на прашањето што особено ги интересира, пишува „
Њујорк пост“.
„Во моментот на својата смрт, ѕвездата исфрла огромна количина гас и прашина, што всушност е нејзина обвивка која може да заземе половина од нејзината маса. На тој начин се отскрива нејзиното јадро, кое покажува како ѕвездата останува без ’гориво‘ и полека умира“, изјавил професорот Алберт Зејлстра од Универзитетот во Манчестер.
Формулата покажува дека Сонцето е доволно големо да може да произведе планетарна магла и да остави трага од облак од прашлив и сјаен материјал на местото каде што се наоѓа Сончевиот Систем. Умирањето на Сонцето ќе почне во моментот кога ќе се потроши целиот водород и тогаш неговата големина ќе се зголеми за 250 пати. Облакот сепак ќе биде слаб, со оглед на тоа што нашата ѕвезда всушност не е толку голема во споредба со оние што создаваат многу поголема магла.
„Сега не само што имаме начин на кој можеме да ја измериме иднината на оддалечените ѕвезди во галаксијата, што не е лесно, туку конечно откривме и што ќе се случи со Сонцето кога ќе умре“, објаснил професорот.
Прашањето е што ќе биде со нашиот вид во толку далечната иднина и дали воопшто ќе постои. Сигурно одговорот е негативен. Но исто така е сигурно дека и Сонцето, еден ден, ќе „згасне“.