X
 21.03.2018 Наука

Лидерството е под влијание на родовиот стереотип

фото
Фото: Flickr


Неодамнешна статија во „Њујорк тајмс“ пишува за едноставна вежба што открива за нашите претпоставки за лидерството.

Можете да ја направите сами: земете пенкало и хартија и нацртајте го ефективниот лидер. Ако сте како повеќето луѓе, ќе нацртате маж.

Истражувачите велат дека овој модел е одличен пример за општествените стереотипи за жените и лидерството. Поточно, имаме тенденција да ги поврзуваме лидерските улоги и особини повеќе со мажите отколку со жените. Некои научници овој феномен го нарекуваат „замисли лидер, замисли маж“ феномен.

На пример, пред една деценија глобалната непрофитна организација „Каталист“ ги анкетирала високите извршни директори во Америка и во Европа и открила дека и мажите и жените сметаат дека жените се подобри во вештините за „грижа“, како што се поддршка и охрабрување на другите, додека мажите се подобри во вештините за „преземање контрола“ како влијателни претпоставени и решавачи на проблеми.

Жените често пати се наоѓаат себеси во замка: или треба да демонстрираат стереотипно машки лидерски особини и да бидат казнети за кршење на родовите очекувања, или можат да дејствуваат на стереотипно женски начин и никогаш да не бидат лидери.

„Тајмс“ исто така споменува труд од 2017 година кој укажува на тоа дека е потешко за жените да бидат забележани како лидери. Низ многу студии, истражувачите откриле дека мажите имаат поголема веројатност да бидат перципирани како лидери кога доставуваат идеја за подобрување на тимот. Истото однесување не донело бенефиции за жените - дури и кога користеле ист јазик.

Студии од 2011 година велат дека нашата дефиниција за раководство постепено се шири и опфаќа повеќе стереотипно женски квалитети. Секако, промената е бавна кога станува збор за родови стереотипи. Но да се биде свесен за овие верувања и колку се тие присутни, е голем чекор во справувањето со нив.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука