X
 27.01.2020 Наука

Човековите предци предизвикале исчезнување на животни милиони години пред нашето појавување

Круша под круша паѓа. Изгледа дека ова е вистинската поговорка која може да се каже за хомо сапиенсот. Исто како што нашите активности во денешно време доведуваат до исчезнување на други животни, ново истражување посочува дека така и активностите на предците на човекот пред милиони години го имале истиот ефект.

Преку испитување фосилни записи од Источна Африка биолозите успеале да откријат пад на месојадците, што се поврзува со зголемување на мозокот на хоминините и промени во вегетацијата, но не со климатски промени, како што често се утврдува.

Според истражувачите, ова може да се толкува како врска меѓу активноста на хоминините и исчезнувањето на месојадците.

- Нашите анализи покажуваат дека најдоброто објаснување за исчезнувањето на месојадците во Источна Африка е дека тие се предизвикани од директен натпревар за храна со нашите исчезнати предци - вели биологот Даниел Силвестро од Универзитетот во Гетеборг, Шведска.

Источна Африка има богато фосилно досие за историјата на човештвото, кое датира од пред милиони години. Модерните луѓе, односно ние, се појавиле пред само 200.000 години, но нашите исчезнати предци и блиски роднини, како Australopithecus и Ardipithecus, постоеле подолго.

Врз основа на претходни истражувања знаеме дека мозоците на хоминините тројно се зголемиле во волумен во последните 4 милиони години. Исто така, знаеме дека во ова време се појавило користењето на софистицирани алатки, па логично е да се заклучи дека како што еволуирале, хоминините станувале сѐ поостроумни.

- Преку истражување на африканските фосили можеме да видиме драстично намалување на бројот на големи месојадци - пад кој започнал пред околу 4 милиони години. Приближно во истото време нашите предци можеби почнале да користат нова технологија за да дојдат до храна наречена клептопаразитизам - вели палеонтологот Ларс Верделин.

Клептопаразитизмот е стратегија за преживување која често бара помал ризик и помал напор од одење и наоѓање храна. А пред да направат алатки за лов, многу е веројатно хоминините да ја користеле токму таа стратегија.

Ако доволно често крадете нечија храна, тогаш, според истражувачите, оние од кои сте ја украле на крајот ќе умрат. Тоа би можело да биде почеток на исчезнување. Подоцна, како што хоминините станувале поефикасни ловци на тревопасни животни, тоа би можело да значело намалување на достапноста на храна за месојадците.

И како што луѓето развивале пософистицирани алатки, тоа би значело дополнителен притисок врз месојадците. И нормално сите овие напредоци би им помогнале на популациите да растат, што би ја зголемило количината на храна потребна за одржување на заедниците.

Врз основа на исчезнувањата на истражувачите може да се каже дека ефектот не бил толку тежок како што е денес. Но, истражувачите веруваат дека нивната работа покажува дека ефектот кој тие антички предци го имале врз светот бил кобен за други суштества.

- Монополизацијата на ресурсите е вештина која ние и нашите предци ја поседуваме милиони години, но сега можеме да го сфатиме и промениме нашето однесување и да се стремиме кон одржлива иднина - вели еволуцискиот биолог Серен Фаурби.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука