Синот има чувства исто како и ќерката, и сака да ги покаже. Ќе плаче од страв или ќе се гризе од возбуда. Дозволете му го тоа. Неговото тело нека го покренуваат емоции, но објаснете му што се тоа емоции и како да одговори на нив во иднина. Наведете дека и другите луѓе го чувствуваат истото и направете споредба како тие ја изразуваат истата емоција. Зборувајте отворено за неговите емоции така што кога ќе порасне, да знае да направи разлика меѓу лутење и срам, разочарување и жалост.
2. Бидете неговиот најгласен навивач
Нема сомнеж дека вие сте неговиот најгласен навивач на трибините кога има натпревар. Нема сомнеж и дека ќе полуди кога на неговата девојка ќе ѝ ја покажете неговата прва фотографија во пелени. Нема никаков сомнеж дека ќе се обиде од истата таа девојка да го сокрие фактот дека неговата мајка пишува блог каде што постојано го споменува него. Ќе ви каже да престанете. Ќе ви каже и дека тоа е срамно. Но ќе знае дека постои барем една личност што секогаш и по секоја цена се залага за него.
3. Научете го како да ги испере алиштата
...и да ја вклучи машината за садови и да си ја испегла својата кошула. Можеби нема постојано да го прави тоа. Можеби никогаш и нема да мора да го прави. Но еден ден ќе ви биде благодарен за тоа.
4. Читајте заедно
Децата стануваат читатели на крилјата на своите родители. Понудете му на својот син можност да научи нови работи, да верува во волшебни места и да фантазира за поголеми шанси низ книгите. Нека ве види вас како читате романи или списанија. Помогнете му да разбере дека пишаниот збор е начин како вечно да се живее. Писателите се бележници на историјата и на сеќавањата. Тие водат евиденција за тоа како некогаш сме живееле; за тоа што сме сметале дека е интересно; како сме разговарале едни со други... Читателите помагаат во зачувувањето на ваквите сеќавања.
5. Поттикнете го да танцува
Танцот, ритамот и музиката се културни универзалности. Секој сака и чувствува барем една од овие три работи. Охрабрете го својот син кога ќе го понесат звуците од некоја мелодија, да направи некакво движење. Не мора да е совршено, важно е да ужива во тоа.
6. Уверете го дека постојат примери на добри луѓе и жени што се моќни поради својот мозок, одлучноста и интегритетот
Примерите на мажи со изградена мускулна маса во униформа (како Бетмен и Супермен), како и преубавите принцези (од бајките на Дизни), ќе го опкружуваат вашиот син уште од неговото раѓање. Но погрижете се исто така да научи за луѓето што биле успешни поради својата интелигенција и своето знаење, како Милева и Алберт Ајнштајн, Пјер и Марија Кири, Никола Тесла, Михајло Пупин, Амелија Ерхарт, Јованка Орлеанка, Ганди... На крајот на краиштата, бидете и вие пример за паметна, самосвесна и успешна жена која е супрехерој за своите деца.
7. Научете го убаво да се однесува и да биде нежен
Со бебињата, со цвеќињата, со животните и со човечките чувства. Научете го да им помага на другите и самите бидете таков пример. Тоа е убаво и го прави светот поубаво место за живеење.
8. Нека ја извалка и искине својата облека
Одлучете дека ќе бидете опуштени кога станува збор за облека (и обувки). Ќе губите нерви и енергија ако се нервирате секогаш за тие работи. Не трошете ја енергијата на неважни работи. Момчињата умеат да бидат палави, сакаат да скокаат, паѓаат, да направат страшен неред. Сортирајте ја облеката и определете која ќе се носи на школо, а која ќе биде за играње надвор. Така ќе го решите и овој проблем.
9. Научете го да шутира топка
Или како да држи стап за хокеј, да вози ролери, да скија, да нацрта куќа, или да ја знае разликата меѓу Слитерин и Грифиндор, научете го да ги знае зборовите на неговата омилена песна... Бидете активен учесник во неговиот живот, а не само набљудувач.
10. Носете го надвор и на нови места
Угаснете го телевизорот, ставете го мобилниот телефон да се полни, не носете дури ни фотоапарат. Само излезете надвор. Гледајте го вашето дете, заедно истражувајте го светот, поставувајте прашања и одговарајте на неговите. Тоа е волшебно. Така ги градите идните спомени на своето дете.
11. Научете го како да губи
Поразот е тешко искуство. Но никој не е секогаш победник. Кога губиш (натпревар, партија карти, трка...) се чувствуваш лошо и разочарано. Но и тоа е ОК. Животот не е секогаш бајка без оглед колку мајките се трудат да биде така. Она што е важно е да го научите вашиот син никогаш да не се откажува од своите соништа, па дури и ако неколкупати изгубил.
12. Одговорете му кога прашува „Зошто?“
Одговорете му, дури и кога не го знаете одговорот, па побарајте го заедно. Покажете му како да го најде одговорот. Поставете му потпрашања за самиот да донесе заклучок. Еден ден кога ќе сака да праша некого, а ќе почувствува срам поради тоа, ќе знае самиот како да го најде одговорот.
13. Поттикнете го и таткото да се вклучи
Но без вие да кажувате кој и што да прави. Таткото би требало исто како и вас да учи и да истражува заедно со својот син, да одговара на неговите прашања и да си игра со него. Вашиот син ќе разбере дека таткото има решенија и одговори за многу работи, па и кога ќе порасне, ќе бара совети од него.
14. Бакнувајте го
Малите момчиња се толку слатки и мазни, исто како и девојчињата. Можат да бидат и деструктивни и палави во текот на целиот ден. Но постојат тие моменти кога се љубезни, и нежни и чувствителни. Понекогаш дури и толку многу, па ќе се прашате зошто тоа се менува кога ќе пораснат. Ајде да се обидеме тоа никогаш да не се промени така што ќе ги бакнуваме и милуваме што почесто. И кога ќе имаат две, но и кога ќе наполнат 16 години. Вие сте мајка и имате право на тоа. Ова важи и за татковците.
15. Вашата куќа нека биде дом
Нека знае дека кај вас е безбедна зона, место каде што секогаш може да се врати. Дури и кога ќе замине подалеку. Нека знае дека тука секогаш го чека некој што искрено го сака. Кога ќе се најде во хаос, ќе ве бара да разговарате. Вие сте неговата мајка, неговата база, неговата константа, како сонце. Тоа треба да го знаете и да го чувствувате и вие и вашиот син.