X
 01.01.2020 Наука

Вести за науката што беа најчитани на Факултети.мк во 2019 година

Тимот на Факултети.мк секогаш се труди да биде во чекор со актуелностите на полето на науката и да ја информира својата публика за сè што излегло од лабораториите и истражувачките центри.

Во продолжение ви ги претставуваме десетте најчитани вести од полето на науката за оваа година. Некои од нив се истражувања што траеле по неколку години, но додека ја правевме листата ние се водевме по датумот на објавување. Како и да е, ова се вестите што најмногу им го привлекоа вниманието на оние што сакаат наука. 

1. Под мразот почна да се топи најопасната работа во светот

Топењето на мразот е посебен феномен на 21 век, а сè почеста појава е исчезнувањето на ледените површини. Научниците нудат и голем број примери како топењето на мразот влијае и како би можело во иднина да влијае врз природната средина, па поради тоа објавија и информации дека топењето на мразот би можело да поттикне отпуштање на закопаната радијација.

2. Опасната и честа форма на депресија за која луѓето не зборуваат доволно

Терминот „насмеана депресија“ - кога човек изгледа среќен пред другите, додека внатрешно страда од депресивни симптоми, стана многу популарен. Постојат статии на оваа тема, а бројот на пребарувања на „Гугл“ за оваа состојба драматично се зголеми годинава.

3. Големите бели ајкули се плашат од едно океанско суштество

Штом ќе помислите дека китовите-убијци, познати и како орки, не може да бидат поневеројатни, тие ќе ве изненадат со уште нешто. Нови докази покажуваат дека овие китови се навистина добри во заплашување на најстрашниот морски ѕвер.
Имено, китот-убиец ја симна големата бела ајкула од тронот на врвен предатор. Научници утврдиле дека бројот на големите бели ајкули значително се намалува секогаш кога тие ќе забележат дека во близина има некој кит-убиец.

4. Метеор ја погоди Земјата со сила на нуклеарна бомба, а никој не забележа

Според НАСА, огромна огнена топка експлодирала во атмосферата, втората најголема во последните 30 години и најголемата по инцидентот во рускиот град Чељабинск во 2013 година. Вселенската карпа експлодирала на речиси 25,6 километри над Земјината површина со енергија од 173 килотони, што е 10 пати повеќе од енергијата ослободена од нуклеарната бомба фрлена во Хирошима. Тоа е околу 40 отсто од моќта на чељабинскиот метеор.

5. Дали кучињата знаат кој е добар, а кој лош? Конечно имаме одговор!

Истражувачите заклучиле дека кучињата мислат дека е нормално да им се помогне на другите и таквото однесување за нив е посебно, па затоа не правеле разлика меѓу неутралниот актер и помагачот. Сепак, кога некој одбива да им помогне на луѓето што им се драги, тие го кршат „кучешкиот морал“ и тоа остава негативно влијание кај кучето, па од тие луѓе нема да земат храна.

6. Нацистички анатомски атлас сѐ уште се користи при операции

Кожата, мускулите, тетивите, нервите, органите и коските се прикажани до најситните можни детали. Оваа книга, која често се нарекува и Пернкорпфов атлас, веќе не е во печат и ја има само во неколку примероци кои се продаваат за неколку илјади евра преку интернет. Сепак, покрај високата цена, ретко кој со гордост би ја изложил на својата полица со книги. Причината е тоа што книгата е резултат на нацистички експерименти изведувани на тела на стотина убиени лица. Имено, исечканите и сецирани тела на нацистичките жртви се прикажани на илјадниците страници од овој атлас.

Фото: BBC

7. Руски научници со епохално откритие: Може да се промени текот на времето

Во развој што претставува голем напредок во нашето разбирање за квантните компјутери, користејќи електрони и принципите на квантната механика, истражувачите успеале да го вратат времето назад. Ова е експеримент што може да се спореди со предизвикување на билјардските топчиња да се распрснат на зелената маса, а потоа да се вратат на место.

8. По 55-тата, секоја година помината на работа го скратува животот за 730 дена

Се смета дека оние што одат подоцна во пензија (околу 65-тата година) премногу се изложуваат на стрес и нивните остарени тела и умови премногу патат, па развиваат низа здравствени проблеми. Поради тоа, умираат во период од две години по пензионирањето. Дополнително шокантен е статистичкиот податок дека оние што одат во пензија порано, на пример, на возраст од 55 години, во неа уживаат повеќе од 25 години. Имаат помалку стрес и го испланирале животот.

9. Колку повеќе се дружите со вашата мајка, толку повеќе ќе живее!

Докторите од Универзитетот во Калифорнија спровеле истражување што следело 1.600 учесници во 60-тата и 70-тата година од животот за да откријат дали осаменоста има одлучувачко влијание врз очекуваниот животен век. По 6 години следење и истражување, научниците откриле дека осаменоста имала поголемо влијание врз постарите, многу повеќе отколку што очекувале. Оние што рекле дека имаат друштво и значајни врски, живееле подолго од оние што изјавиле дека се чувствуваат осамено. Осаменоста побрзо ги доведувала до смрт.

10. Мртвите тела се поместуваат и по една година од закопувањето

Научници од австралиски истражувачки центар за проучување на посмртните остатоци, кој локално го нарекуваат фарма за тела, 17 месеци снимале лешови во распаѓање и увиделе дека тие се поместуваат цело време.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука