Како земја како Северна Кореја се справува со една од највисоките стапки на пушење во светот кога нејзиниот лидер испраќа погрешна порака, постојано држејќи цигара во јавноста?
Имало многу кампањи против пушењето во Северна Кореја, земја каде што пушат половина од сите мажи, но не и жените, покажуваат податоците на Светската здравствена организација.
Законот усвоен на почетокот од овој месец прецизираше забрана за пушење на јавни места во Северна Кореја и утврди правила за обезбедување покултурно и похигиенско опкружување за луѓето.
Но, државните медиуми честопати го покажуваат врховниот лидер Ким Јонг-ун со цигара в рака, давајќи лош пример. Тогаш што точно постигнуваат мерките против пушење во земјата?
Што вели новиот закон?
Законот за забрана за пушење усвоен на почетокот од ноември утврдува правила што сите институции, организации и граѓани мора да ги следат за заштита на животот и здравјето на луѓето.
Законот ги засилува правните и социјалните контроли врз производството и продажбата на цигари и пушењето како што налага државната политика за забрана за пушење.
Исто така, се споменуваат места каде што пушењето е забрането, како области наменети за политичко и идеолошко образование, театри и кина, едукативни единици, јавни здравствени установи и јавен превоз. Се зборува и за казни, но државните медиуми не известуваат какви ќе бидат тие.
Неколку дена по донесувањето на новиот закон државната новинска агенција КЦНА објави дека пушачите би можеле да бидат изложени на поголем ризик од зараза од Ковид-19, повикувајќи се на лекари и експерти од светот.
Кога почнале кампањите против пушењето?
Антипушачките кампањи станале редовна појава откако земјата стана потписничка на Рамковната конвенција на СЗО за контрола на пушењето, ратификувана во 2005 година.
Како дел од законот за контрола на цигарите во земјата биле ставени етикети за предупредување на кутиите со цигари и биле воведени ограничувања за пушење на јавни површини.
Во 2019 година се одржала брза кампања за да се информираат пушачите за штетноста од пушењето. Државните медиуми исто така соопштиле дека се преземени чекори за ограничување на увозот на тутун од странство.
Корејската централна телевизија ги опиша како несовесни луѓе оние што пушат наутро и навечер.
Оваа година била отворена и веб-страница со информации за опасностите од пушењето.
Фото: Korean Central Television
Лидер кој пуши
Но, Ким Јонг-ун е страстен пушач и честопати може да се забележи со цигара за време на неговите посети - без оглед дали посетува детски камп или надгледува тестирање на ракета.
Во февруари 2019 година, тој бил снимен како
пуши на паузата при патување со воз до Виетнам, за неговиот втор самит со американскиот претседател Доналд Трамп. Неговата сестра му го држела пепелникот.
Се шпекулира дека неговата сопруга Ри Сол-џу го охрабрувала да се откаже, но тој не ја слуша.
Дали е вистина дека жените не пушат?
Стапките на пушење се високи во Северна Кореја и тоа е така со години. Се чини дека нема ни да опаднат за брзо време. Извештајот на СЗО за 2019 година вели дека 46,1 отсто од сите мажи над 15 години пушат.
Според податоците, не пуши ниту една жена. Тоа е веројатно така затоа што жените се сметаат за помалку вредни во севернокорејското општество.
- Културно и социјално табу е жените да пушат јавно, особено помладите жени. Во Северна Кореја омажените или постарите жени пушат во тајност - вели Џејмс Банфил, директор на „Кореаконект“, американска невладина организација што работи во Северна Кореја.
- Пушењето во Северна Кореја го дефинирале и го дефинираат машките потрошувачи и има голема улога во севернокорејската машка социјална, работна и воена култура. Прекумерната потрошувачка на цигари и зависноста се културолошки прифатливи за мажите - вели Мин Чао Чој, новинар во „Ен-кеј њуз“.
Всушност, жените се користат во државните кампањи за да ги одвратат мажите од пушење. Еднаш државната телевизија емитувала програма со наслов „Дополнителната квалитетна работа што го загрозува животот“, во која жените ги карале мажите кои пушеле, нарекувајќи ги имбецили кои ја вознемируваат нивната околина.
Без оглед на културниот контекст, пушењето убива голем број Севернокорејци.
Секоја година над 71.300 луѓе умираат во Северна Кореја поради болести предизвикани од цигарите, според податоците собрани од „Тобако Атлас“.
За споредба, Австралија - земја со сличен број на население (нешто повеќе од 25 милиони луѓе), има 22.200 смртни случаи годишно поради пушењето.
Што постигнале антипушачките кампањи во Северна Кореја?
Некои здравствени експерти сметаат дека ваквите иницијативи имаат некакво влијание.
- Помалку од половина од возрасните мажи или 46,1 отсто се пушачи: ова е помалку од 52,3 отсто колку што беа во 2009 година. Во текот на последните 20 посети во период од 13 години гледам помалку пушачи во Пјонгјанг, особено кај помладите мажи - вели Ки Би Парк, директор на Корејскиот проект за здравствена политика на Медицинскиот факултет „Харвард“.
Но, се чини дека има мешани пораки бидејќи цигарите се лесно достапни и имаат ниска цена во Северна Кореја.
- Како и многу нации, и Северна Кореја се стреми кон сопствениот концепт на модерност, што вклучува современи здравствени политики, како откажување од пушењето. Разликата помеѓу аспирациите на режимот и она што се случува во реалноста честопати е огромна и таа поделба може да се види во политиките на земјата во врска со пушењето, наспроти нејзината култура на пушење - вели Мин Чао Чој.
Некои аналитичари сметаат дека се потребни посилни средства за луѓето да се ослободат од оваа навика.
- Кампањите против пушењето веројатно се насочени кон намалување на пушењето на одредени места. Освен огромната волја, не постојат многу механизми за да му се помогне на некој Севернокореец да се откаже од цигарите - вели Банфил.
Но, замислете каква моќна порака би била ако лидерот даде подобар пример и се одлучи да се откаже? Се разбира, не се знае дали воопшто може да се случи тоа.
Фото: Screenshot/YouTube