Сон ми е еден ден да се вратам во мојата земја и лично да инвестирам во развитокот на науката и индустријата поврзани со мојот домен. Сигурен сум само во едно, дека еден ден, после сѐ, би сакал да уживам во сопствена градина некаде во некое мариовско село, вели амбициозниот научник, кој во последните неколку месеци истражуваше ендемско дрво во Чиле
Сечењето на постојните шуми за изградба на повеќекатници и неесенцијални инфраструктурни проекти има деструктивен ефект врз Скопје. Тоа дополнително го спречува провевот, придонесува за фиксирање на смогот над градот и доаѓа до ерозија на теренот на падините на Водно – вели Гордан Серафимов, магистранд по ботаника на Факултетот за животни науки во Стразбур, Франција.
Младиот скопјанец дипломирал на насоката Клеточна биологија и физиологија на живите организми, а на врвниот универзитет ги привршува и магистерските студии. Во последните шест месеци тој престојуваше во Чиле каде што го истражуваше исчезнувањето на ендемско важно дрво. Со него поразговаравме за повеќе еколошки теми, како и за неговиот пат и љубовта кон ботаниката.
Немаме еколошки план
Вели дека, за жал, повеќето Македонци не се свесни за важноста на природата и чистата средина.
- Жално е тоа што кај нас не постои никаков еколошки план. Доколку го земам за пример Водно, на постарите генерации им е познато дека тоа било „гола“ планина и дека шумските борови насади се претежно садени во времето на Југославија. Ефектот на самиот насад е во тоа што дрвјата, кои имаат подлабоки корени, делумно го имаат исушено Водно, кое порано било богато со потоци и извори и ливади на кои некогаш паселе овците од околните села. Може само да се претпоставува кои билки растеле на тие простори. Истото придонесува и за неконстантните количества вода во Вардар, а и поради кондензацијата на вода, посилни и непостојани врнежи во Скопје – вели Серафимов и додава дека од овој аспект, грешно е размислувањето дека шумските насади секогаш го подобруваат природниот баланс на екосистемите и дека во Чиле има случаи што доведуваат до изумирање на локалната флора.
Спротивно на ова, пак, по падините на други планини се сечат автохтони шуми што се од исклучителна еколошка вредност, со цел производство на дрво за огрев и други намени, објаснува тој.
- Треба да се сфати дека промената на екосистемите, со посадување алохтони (не локални) видови или спротивно, со дрвосеча на локалните шуми, има општ деструктивен ефект врз климата на локално и на регионално ниво. Сето тоа доведува до глобалното затоплување на ниво на планетата и како последица има многу ефекти врз човековиот живот. Почнувајќи од здравјето на секој од нас со загадувањето на воздухот, водата и почвите, па сѐ до промената на земјоделските практики поради сѐ поекстремните температури и нестабилни сезони – објаснува тој.
Почнал со садење кактуси и сукуленти
Гордан е заљубен во природата и во растенијата. Уште од средно училиште почнал да се интересира за нив. Тоа му било хоби, садел кактуси и сукуленти, и понекој домат или пиперка, во неговиот двор.
- Интересот за растенијата ми се зголеми и прерасна во моја матурска проектна задача на тема „Употреба на јагликата во традиционалната медицина и кујна“. Иако гимназиско образование завршив во „Јосип Броз-Тито“ во германската реформирана паралелка, од каде што полесно можев да го продолжам образованието во некоја германофонска земја, Франција ми беше сон уште од дете. Откога првпат го посетив Париз со моите родители, решив дека сакам таму да студирам. Меѓутоа, кога дојде време да ја пратам мојата кандидатура, а и по советот на мојата професорка по француски, сфатив дека во Стразбур, во доменот на биологијата, е еден од најдобрите универзитети во Франција, а во тој период (2013 г.) Факултетот за животни науки котираше како најдобар факултет од таа област во оваа земја – вели Гордан.
Гордан во Мачу Пикчу
Програмата била многу општa и во согласност со францускиот високообразовен систем, кој се стреми да создаде квалитетен и мултикомпетентен кадар. Тоа му помогнало да сфати што всушност го интересира.
- Аплицирав на повеќе мастер-програми, но, за среќа, бев прифатен на програмата на истиот факултет од Стразбур, која и најмногу ме интересираше. Програмата е именувана „Биологија и валоризација на растенија“, а јас ја одбрав насоката „Валоризација на растителни ресурси“, која поспецифично се фокусира на аспектите на вреднување на растенијата како примарни ресурси, односно фитохемија (растителна хемија), фармакогнозија (користење природни ресурси за производство на фармацевтски производи), ин витро култура на растенија и растителна биотехнологија – објаснува младиот научник и вели дека освен одличната теорија, тој се стекнал и со одлично практично знаење во лаборатории кои не само што се „најмодерно опремени, туку и соработуваат со многубројни научни институти и интернационални фирми од соодветниот домен“.
Во текот на мастер-студиите, заедно со неколку колеги, соработувал на трисеместрален проект со LVMH Research (Moët Hennessy Louis Vuitton), каде што работеле на ин витро култура на егзотични растенија, од кои подоцна марката Guerlain изработува кремови, парфеми и други де лукс производи.
Како Чиле стана избор за неговиот стаж?
Серафимов стажирал во Центарот за биотехнологија и на Шумарскиот факултет при Универзитетот на Консепсион, вториот најголем град во оваа земја. Вели дека бил топло пречекан, не само од професорот кој беше одговорен за неговата пракса, Мануел Санчез, туку и од сите останати професори, колеги и пријатели што ги стекнал.
- Чиле е многу убава земја и слободно можам да кажам најразвиена и најбезбедна во латинскиот свет. Чилеанците се прекрасен народ, топли и прилично ноншалантни, но, сепак, професионални во работата. Иако има над 500 активни вулкани и чести земјотреси и цунамија, според Чилеанците, нема никаква причина за страв. Во градот каде што престојував преовладува медитеранска топла клима, меѓутоа, поради многубројните планини и долини, на кратки дистанци климата драстично се менува, што го прави Чиле преполн со различни предели и природни убавини – вели Гордан.
Чиле е полн со различни екосистеми, растат уникатни ендемски видови растенија што ги нема никаде на друго место.
- Централните долини на Чиле се класификувани како едни од 25. светски центри на ендемизам и биодиверзитет според Меѓународната организација за конзервација на природата (IUCN). Како последица на ова, научните центри во Чиле инвестираат во изучувањето на овие ендемски видови, од еколошки аспект, но и од аспект на нивно вреднување како природни ресурси. Лабораторијата каде што работев, на пример, е вклучена на многу проекти - од колекција на семиња на локални дрвја, биолошки студии на растенија од Антарктикот, до ин витро култура, со цел вреднување на локалните растенија со агрономски и фармацевтски потенцијал – објаснува Гордан.
Тој работел на проект под наслов „Оживување на ендемски вид од еколошка важност од Чиле, Gomortega keule, користејќи техники на сексуална, макро- и микропропагација“. Кеуле е ендемско дрво, единствено од својот род и од фамилијата на растенија Gomortegaceae, има огромна еколошка и еволутивна важност и се смета дека е околу 100 милиони години старо, едно од најстарите цветни растенија (цветници), како остаточен вид од времето на диносаурусите, објаснува младиот ботаничар.
- Расте исклучиво во медитеранската климатска зона во централно Чиле, во 25 популации, на вкупно 100 хектари и остануваат само околу 1000 индивидуи (дрвја) живи во дивина. Главна причина за исчезнувањето е уништувањето на неговата животна средина со прекумерно пошумување борови и евкалиптусови шуми (во Чиле шумарството е втор по важност сектор, по рударството на бакар, за буџетот на државата, која извезува дрво и хартија на меѓународниот пазар). Проблемот настанува со фактот дека ова дрво е сечено од шумите во Чиле за да се ослободи место за борот и евкалиптусот, кои побрзо растат. Дрвото, исто така, произведува плод со многу тврд бадем, од кој семката многу тешко може да ’рти и затоа не може природно да се размножува со брзина слична на таа со која е сечено – објаснува тој.
По барање на министерството за земјоделство и организацијата за храна и земјоделство на ОН и организација за зачувување на кеуле, го започнале овој проект.
- Кеуле било користено од антички времиња од страна на „мачи“, шаманот на локалното племе Мапуче, кој го користел овошјето на дрвото како природен халуциноген (недозреано и во преголеми дози). Дрвото не само што има хортикултурна вредност како декоративно зимзелено дрво (не иглолисно), туку при неговата сеча се добива црвена боја која му дава огромна вредност и е од висок квалитет за производство на мебел, а пак екстракт од кората може да се користи како природна текстилна црвена боја. Истовремено, листовите можат да се консумираат во чај или како зачин, а плодот е вкусен и сладок и од него се прават алкохолни пијалаци (ликери и „писко“) и мармалади. Богато е и со природни супстанции од кои најважни се есенцијалните масти од листовите, за кои научно е докажано дека имаат инсектицидни, хербицидни, антибиотски и антиоксидантни својства и можат да се користат за производство на еколошки биопестициди, фармацевтски и козметички производи.
Користењето ин витро култура на експланти од дрво се покажало како попродуктивно решение во нивната работа.
- Важноста на овој успех е во тоа што претходните експерименти на ова дрво истакнуваат смртност на стеблени исечоци од 80 до 90%, а пак во нашиот случај таа се сведе на 40-50%, односно 50-60% на успешна култура на стеблени исечоци. Со тоа, од околу 20 првични дрвца од универзитетскиот стакленик добивме над 40 клона, кои развиваа околу 10 гранчиња секој, и доколку тие се отсечат и се продолжи културата, нивниот број експоненцијално би пораснал на стотици клонови годишно. Тие подоцна можат да се посадат во земја и да произведат нови дрвја кои би се користеле не само за повторно пошумување на автохтоните шуми во Чиле, туку и за селекција на култивари и сорти од прехранбена, хортикултурна и медицинска вредност – се радува Серафимов.
Сон ми е да уживам во сопствена градина во некое мариовско село
Младиот скопјанец признава дека првично повеќе бил заинтересиран за лозарството и сонувал да отвори сопствена винарска визба, но со текот на студиите сфатил дека повеќе го интересираат лековитите билки и етнофармакологијата.
- Засега сум сигурен во тоа дека ќе ги продолжам студиите, најверојатно со докторски некаде во Франција, Германија или во Швајцарија. Убавото е во тоа што јас уживам во моите студии, во работата во овој можеби нетипичен домен и се надевам дека ќе најдам соодветна тематика за докторат. Доколку се водам по животните искуства на моите професори, не можам да бидам сигурен каде следно ќе ме одведе мојата професија, но важно ми е само да продолжам интелектуално и научно да се развивам и да стекнувам нови искуства во целиот процес – вели тој.
Признава дека засега се обидува да остане во странство бидејќи во Македонија, за жал, иако има голем потенцијал, сѐ уште нема соодветни услови за развој на неговата дејност.
- Меѓутоа, сон ми е, сепак, еден ден да се вратам во мојата земја и лично да инвестирам во развитокот на науката и индустријата поврзани со мојот домен. Сигурен сум само во едно, дека еден ден, после сѐ, би сакал да уживам во сопствена градина некаде во некое мариовско село!