X
 14.06.2019 Живот

Болница им овозможува на пациентите средба со нивните миленици за побрзо закрепнување

Миленичињата можат да направат да се чувствуваме подобро во моменти на тага и кога не се чувствуваме добро. Многу е тажно кога луѓето кои лежат во болница се далеку од своите домови и не можат да си ги видат семејствата, домот, но и нивните сакани крзнести пријатели.

Но, благодарение на Захари Нобл ова станува минато. Сè почнало кога на Захари му бил дијагностициран Хочкин лимфом. За жал, тој имал агресивна форма што била отпорна на хемотерапија. Захари поминал многу време во болница и копнеел да ги види неговите омилени кучиња. Но, неговиот медицински тим го исполнил неговиот сон и неговите две кучиња го посетиле во болница. Тој веднаш се почувствувал подобро.

- Ја видовме промената во неговото ниво на стрес, неговата желба да му биде подобро за да си оди дома, неговата среќа - вели неговата тетка Дона Џенкинс. Пред да умре, тој направил план со кој овозможил посета на миленичињата на пациентите во болницата каде што престојувал.

Сега, организацијата „Шепите на Захари за опоравување“ е реалност, но тешко е да се замисли колку напор бил вложен за оваа иницијатива. Неговата тетка Дона работела заедно со медицинскиот персонал од болницата Јуравински, како и со контролата за инфекции и волонтерски услуги за да создаде процедури и политики што биле потребни. Тие сакале да се осигурат дека сите пациенти ќе бидат добро заштитени од потенцијални инфекции или бактерии што би можеле да донесат овие средби.

Исто така, организацијата ја евалуираше и безбедноста за секое животно пред посетата. Важно е да се види дали средината ќе биде премногу стресна за нив. Ако постои ризик за животните, средбата нема да биде реализирана.

Благодарение на Захари и Дона, многу луѓе успеале да си ги видат миленичињата - дел од нив за последен пат. Тоа им помогнало да заборават на нивната изолација и да најдат малку поголема поддршка и надеж.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот