Д-р Фрања Бидовец била една од 20. докторки на отпорот за време на Втората светска војна во Словенија. Таа управувала со болницата „Фрања Партизан“, тајна клиника сместена во планините каде што се лекувале ранетите војници и на Сојузниците и на Силите на оската.
Скриена во недостапен кањон, болницата никогаш не била пронајдена од
нацистите.
- Секоја година луѓето се собирале во болницата „Фрања“. Тогаш станало очигледно колку таа била популарна. Се сеќавам, луѓето секогаш велеа трипати ура за Фрања. Јас и Андреј се погледнувавме и се прашувавме: „Зошто никогаш ура за Френк, нашиот татко? А и двајцата беа партизани - вели Милан Бидовец, син на Фрања Бидовец.
- Мојата мајка секогаш знаеше како да шири топлина околу себе. Таа беше исклучителна жена - вели тој.
На почеток Фрања работела илегално. Таа обезбедувала медицински материјал колку што можела повеќе и тајно ги лекувала ранетите. Потоа отишла со д-р Павла во регионот Приморска, каде што станала активна партизанка. Болницата им помагала на ранетите партизани од различни националности за време на Втората светска војна. Болницата била градена постепено. На крајот на војната имало вкупно 14 дрвени згради, бараки за ранетите и персоналот, операциона сала, изолациска соба и место за рендген, електрична централа и други објекти.
Болницата лекувала околу 600 пациенти од различни националности. Ранетите биле носени во болница главно навечер и тоа со врзани очи. Пред да влезат во кањонот, тие дури и ги ротирале носилките за да ги збунат и да изгубат чувство на ориентација.
- Не го лекувале само американскиот пилот кој бил застрелан и однесен во болница, туку и италијанските и германските војници - раскажува синот на Фрања.
- Кога било возможно, тие им помагале на сите. Најмладиот пациент било 17-месечно момче од селото во близина - вели историчарката Милојка Магајне од општината Идрија, Словенија.
Непријателските војници во два наврата се доближиле до болницата. Но, за среќа, никогаш не ја откриле.
- Преку различни мерки се грижеле за нивната безбедност. Најважната мерка била пристапот преку вода. Ги транспортирале ранетите и материјалот преку вода. Ако оставиле видливи траги, тогаш се ослободувале од нив. Дури и засадувале дрвја. Имале чувари и точки за извидување - раскажува Милојка.
Во камењата имале пештери што служеле како „гнезда“ за автоматски пушки. Оттаму го бранеле влезот до теснината. Кога непријателот ќе се доближел, тие ги носеле ранетите во овие пештери. Кога било безбедно, ги враќале во бараките.
Еднаш дури и подметнале пожар за да ја спасат болницата. Дошле до идеја да ја рашират веста дека постои болница, но дека Германците ја пронашле. Запалиле оган кој испуштал голем чад за да се претпостави дека болницата повеќе ја нема.
Ниту една друга нација во Европа не изградила ваква болница за време на војната. Секако, ова не би било возможно без поддршката од локалното население. Луѓето со сопствени кочии ги земале ранетите, се грижеле за нивната безбедност и ги информирале вработените за близината на непријателските војници.
Фрања била уапсена и испратена во затвор неколку пати. Прво била уапсена од Германците бидејќи им помагала на партизаните, но била уапсена и од партизаните, и тоа најмногу ја погодило.
Еден од старешините отишол во болницата бидејќи бил ранет. Таму барал специјален третман, па тоа предизвикало конфликт меѓу него и Фрања. Тој ја обвинил дека се однесува арогантно и дека ги запоставува ранетите. Поради тоа, Фрања била суспендирана и држена во главниот штаб околу еден и пол месец. По испрашувањата на сведоците таа била вратена во болницата.
По војната Фрања специјализирала гинекологија. Била многу успешна и им помогнала на многу жени да родат, им помагала и на жените што не можеле да задржат бременост, а и на оние што не можеле да забременат. Страдала ако изгубела пациент и се залагала за секој од нив.
Фотографии: Screenshot/BBC