X
 15.03.2019 Живот

Најголемата градска болница во Европа дневно прима по 30.000 пациенти

Во Анкара, главниот град на Турција, е отворена најголемата градска болница во Европа, која воедно е и трета болница по големина во светот, пренесуваат турските весници.

Во состав на болницата се наоѓа и медицински кампус, а има капацитет дневно да прима 30.000 пациенти.

Објектот свечено го отвори турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој нагласи дека Турција денес има најсовремена медицинска опрема, притоа посочувајќи дека поседува 5.000 возила на брза помош, медицински хеликоптери, чамци и бродови.

- Турција денес е земја која има капацитет на 1.250.000 граѓани да им понуди здравствени услуги во нивните домови. Нема нешто вакво слично во светот. Во минатото нашите државјани заминуваа во странство на лекување, но денес имаме речиси еден милион лица од странство што побарале здравствени услуги во Турција - истакна Ердоган.

Иако церемонијата на свечено отворање се одржа вчера, на Денот на медицинарите, Градската болница во Анкара со прием на пациенти почна на 7 февруари. Најпрвин со работа започнаа одделите за кардиоваскуларна хирургија, општата болница, неврологија, ортопедија и онкологија.

Како што пренесуваат турските медиуми, досега во болницата се извршени 2.815 операции, на неделно ниво се изведуваат 7.000 операции, додека на дневно ниво се извршуваат околу 600 итни операции. Капацитетот на болницата е 3.800 кревети.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот