Не е лесно да се победи дебелината. Кај многумина дури и успешното слабеење е проследено со долга борба да не се вратат килограмите.
Повторувањето на дебелината е често, а истражувањата покажуваат дека тоа не е само прашање на волја. Масните клетки се „сеќаваат“ на дебелината и по губењето на тежината, што може да ги поткопа напорите за одржување на резултатите.
Но, не се само масните клетки. Како што покажува нова десетгодишно истражување, и одредени имунолошки клетки можат да носат трајно сеќавање на дебелината. Ова може да го задржи зголемениот ризик од болести поврзани со дебелината дури и до 10 години по слабеењето.
Механизмот зад ова е ДНК-метилација, нормален биолошки процес во кој метил-групи се прикачуваат на молекулите на ДНК, менувајќи ја активноста на гените без да ја нарушат самата ДНК секвенција.
Кај луѓе што неодамна ослабеле, одредени промени во ДНК кај Т-клетките изгледа дека го зачувуваат клеточното „сеќавање“ на состојбата, поттикнувајќи нарушена, проинфламаторна состојба што може да трае со години и покрај намалувањето на телесната тежина.
Истражувачите анализирале имунолошки клетки од неколку групи луѓе, вклучително пациенти со дебелина кои вежбале четирипати неделно во период од 10 недели или примале инјекции за слабеење, како и контролни групи. Дополнително биле анализирани и луѓе со Алстромов синдром (ретко генетско нарушување поврзано со дебелина во детството) и здрави контролни примероци.
Истражувањето вклучувало и експерименти на глувци со висококалорична исхрана, како и анализи на човечки примероци од крв.
Овие откритија би можеле да отворат врата за нови терапии
- Резултатите покажуваат дека краткорочното слабеење не мора веднаш да го намали ризикот од болести поврзани со дебелината, како дијабетес тип 2 и одредени видови рак - вели коавторот Клаудио Мауро од Универзитетот во Бирмингем и додава дека сеќавањето на дебелината избледува само со долгорочно одржување на здравата тежина, најверојатно во период од пет до десет години.
Научникот Белинда Неджај од Универзитетот „Кралицата Мери“ во Лондон објаснува дека дебелината остава долготрајни епигенетски промени што влијаат врз однесувањето на имунолошките клетки.
Ова значи дека имунолошкиот систем задржува молекуларен запис од претходни метаболички состојби, што може да влијае врз долгорочниот ризик од болести.
Овие откритија би можеле да отворат врата за нови терапии што ќе помогнат да се „ресетира“ имунолошкиот систем по дебелина, можеби преку лекови што ја намалуваат воспалителната состојба.
Овие наоди помагаат да се разбере зошто одржувањето на тежината е толку тешко на долгорочен план.
Извор:
Science Alert
Фото: Magnific