X
 14.07.2019 Живот

Саудијките ќе можат да ја напуштат земјата без дозвола од маж

На жените од Саудиска Арабија до крајот на годинава ќе им биде дозволено да патуваат надвор од земјата без дозвола од маж, предвидуваат планираните реформи.

Според сегашните закони во кралството, на жените од сите возрасти им е потребна дозвола од машки роднина за да патуваат надвор од земјата или за да добијат пасош.

Законите веќе беа сменети и на жените им беше дозволено да возат, а сега ќе им биде дозволено и да ја напуштаат земјата.

Според саудиските службеници, промената ќе стапи во сила оваа година.

- Нема сомнение дека лидерите, владата и луѓето сакаат да го видат овој систем променет. Моменталната дискусија е за тоа како ова да се случи што е можно побрзо без да се предизвика метеж - истакнал член на саудиската кралска фамилија.

Порано саудиското министерство за внатрешни работи мораше да издава документи за патување за жените и тие документи мораше да бидат потпишани од страна на роднина од машки пол.

Неодамна процедурата беше олеснета со апликација на владата, која им овозможуваше на мажите да дадат или не дозвола на паметен телефон. Некои млади Саудијки, кои во текот на последните години ја напуштија земјата, го направија тоа така што ги земаа телефоните на нивните татковци и ги менуваа нагодувањата.

Фото: Daily Mail

Другите аспекти од законите за старателство ќе останат непроменети. Жените сè уште ќе треба да добијат дозвола од маж за да се омажат или да излезат од затвор. Често жените остануваат заглавени во затвор зашто не се земени од нивните старатели.

Од минатата година на жените во Саудиска Арабија им е дозволено да поседуваат возачки дозволи, но критичарите велат дека активистите за права на жените сè уште се прогонувани и апсени во кралството.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот