Најголемата нафтена компанија во светот - „Сауди Арамко“ минатата година работела со добивка од 224 милијарди долари, извести агенцијата „Фич рејтингс“ врз основа на увидот во деловните книги на саудиската компанија, затворени по национализацијата.
Неодамна од „Арамко“ беше соопштено дека имаат намера да купат 70-отстотен удел во саудискиот петрохемиски гигант САБИК за 69,1 милијарди долари, со што би се споиле двете најголеми компании во Саудиска Арабија.
„Сауди Арамко“ планира да ја финансира таа трансакција со издавање обврзници, па првпат од национализацијата, направена пред повеќе од 40 години, е овозможен увид во деловните книги.
Од агенцијата „Фич“ ја оцениле кредитната способност на компанијата со А+, степен под највисоката инвестициска категорија, со образложение дека поголемиот дел од заработката на компанијата го презема владата на Саудиска Арабија.
Кога компанијата би била независна од државата, оцената би била АА+, со оглед на финансиите, огромните резерви на јаглеводород и ниските трошоци за производство.
Во „Арамко“ ги проценуваат докажаните резерви на нафта на 227 милијарди барели, а вкупните резерви на јаглеводород на 257 милијарди барели еквивалент на нафта, што би одговарало на век на траење на резервите од 52 години, што е комотно ниво според меѓународните стандарди, констатираат од агенцијата. Инаку, „Сауди Арамко“ беше најпрофитабилна компанија на светот и во 2018
година.