X
 14.07.2021 Живот

„Галичка свадба“ се враќа по пауза од една година

Манифестацијата „Галичката свадба“ се враќа по пауза од една година поради пандемијата на ковид-19. На годинашното 47. издание, кое ќе се одржи претстојниов викенд, судбоносното „да“ во живописниот Галичник ќе го кажат Катерина Илиевска и Филип Бундовски, кој е по потекло од Галичник.

- Ние сме многу среќни што се создадоа услови оваа година да продолжиме со оваа вековна традиција на Мијаците, која секако зазема посебно место во богатото македонско културно наследство. Подготвени сме да ги пречекаме и да им посакаме добредојде на сите посетители од земјава и од странство што ќе дојдат во Галичник, да ги видат и одново да им се воодушевуваат на уникатните свадбарски обичаи и адети, проследени со богатиот колорит на народни носии и изворните песни и ора карактеристични за овие македонски краеви - изјави Александар Костиќ од организацискиот тим на Месната заедница Галичник.


Од организациски аспект ќе бидат преземени сите превентивни мерки за заштита на здравјето на учесниците и посетителите, истовремено упатувајќи апел до сите што ќе дојдат во Галичник да ги почитуваат мерките и препораките за заштита од ковид-19.
Покровител на годинешната „Галичка свадба“ е претседателот Стево Пендаровски, а еден од традиционалните поддржувачи на манифестацијата и годинава е Министерството за култура.

- Галичка свадба е чувар на традицијата и наше драгоцено нематеријалното културно наследство. Министерството за култура останува силен поддржувач и промотор на оваа манифестација, која го збогатува и чува препознатливиот македонски фолклор - изјави министерката за култура Ирена Стефоска.



Традиционално, официјалниот почеток на годинашната „Галичка свадба“ ќе биде означен в сабота, на 17 јули, со поставување на свадбарското знаме и симболичниот чин на „фрлање три пушки“ од куќата на зетот. Венчавањето на младенците ќе се изврши в недела, 18 јули, во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“ во Галичник, а свеченоста ќе заврши со чинот на испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.

Годинешната „Галичка свадба“ ќе изобилува со најразлични забавни и музички содржини, приспособени за сите генерации. Веселбата почнува в петок, 16 јули, со настапот на групите „Тоа е Тоа“, „Љубојна“ и „Бенд-Офф“, а завршува в недела, 18 јули, со испраќањето на тајфата „Мајовци“ и посакување „здравојживо видување вгодина“.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот