Европската комисија во својата летна економска прогноза предвиде раст на економијата на Европската Унија од 2,7 отсто во 2022 година, додека за 2023 се предвидува пад на 1,5 проценти, односно 2,6 и 1,4 отсто во еврозоната.
Истовремено, се предвидува дека просечната годишна инфлација ќе достигне историски максимум во 2022 година од 7,6 отсто во еврозоната и 8,3 проценти во ЕУ, пред намалувањето во 2023 година на 4,0 и 4,6 отсто.
Претставувајќи ја најновата економска прогноза за ЕУ и еврозоната, комесарот за економија, Паоло Џентилони нагласи дека војната на Русија против Украина и понатаму негативно влијае на економијата на ЕУ, поставувајќи ја на пат од низок раст и зголемена инфлација во однос на претходната пролетна прогноза.
– Акциите на Москва го нарушуваат снабдувањето со енергенти и со жито, ги зголемуваат цените и ја намалуваат довербата. Во Европа, замавот на повторното отворање на нашите економии ќе го поддржи годишниот раст за 2022 година, но за 2023 значајно ја ревидиравме нашата прогноза. Се очекува рекордно високата инфлација да достигне врв подоцна годинава и постепено да опаѓа во 2023 година - појасни Џентилони.
Тој предупреди дека развојот на војната во Украина, особено на испораките на гас за Европа, како и можноста од повторно засилување на пандемијата од ковид-19, претставуваат ризик како за развојот на европските економии, така и за понатамошната инфлација.
Истовремено, во Брисел укажуваат на тоа дека неодамнешните тенденции на падот на цената на нафтата и на други стоки може да се интензивираат, што би довело до побрз пад на инфлацијата, отколку што се очекува сега.
Се додава и дека приватната потрошувачка во Европа, благодарение на силниот пазар на трудот, може да се покаже поотпорна на зголемување на цените, доколку домаќинствата користат повеќе од своите акумулирани заштеди.
Извор: МИА