X
 02.02.2024 Наука

Органска материја од астероидот Рјугу може да објасни како стигнал животот на Земјата

Органската материја пронајдена во примероците од астероидот Рјугу посочува дека древните комети можеби го донеле „семето на животот“ на Земјата. Примероците од астероидот беа донесени на Земјата од јапонската мисија „Хајабуса 2“, која го посети Рјугу во 2018 година. Мисијата го проучуваше астероидот околу 18 месеци и собираше материјал од неговата површина, што се покажа дека е ризница на информации за нашиот Сончев Систем.

Рјугу е астероид широк 870 метри со орбита блиску до Земјата и нема заштитна атмосфера. Ова значи дека неговата површина е директно изложена на космосот и може да собира меѓупланетарна прашина, која го менува составот на површината на астероидот при удари. Научниците пронајдоа „дамки“ од 5 до 20 микрометри на астероидот во кои има мали јаглеродни материјали слични на основната органска материја.

- Оваа органска материја би можела да претставува мало семе на живот што еднаш пристигнало на Земјата од вселената - вели доцентот Мегуми Мацумото од Универзитетот „Тохоку“.

Кометите обично имаат широки орбити околу Сонцето, што значи дека поголемиот дел од своето време го поминуваат во ледените надворешни рабови на Сончевиот Систем. Меѓутоа, кога ќе влезат во внатрешниот дел од Сончевиот Систем, зрачењето го загрева нивниот внатрешен, леден материјал. Затоа тој материјал директно се претвора во гас во процес на сублимација. Кога овој гасовит материјал експлодира од кометата, тој зема дел од површинскиот материјал со себе. Ова не само што создава карактеристични опашки на кометите, туку остава и траги од прашина околу Сонцето.

Кога Земјата минува низ овие патеки, гледаме метеорски дождови додека фрагменти од прашина согоруваат во нашата атмосфера. Многу е поверојатно овој материјал од кометата да стигне до површината на објект без атмосфера, како што е Рјугу, каде што може да се зачува. Затоа, проучувањето на овие правливи остатоци може да открие информации за материјал од раниот Сончев Систем.

Јаглеродните материјали пронајдени на Рјугу хемиски се разликуваат од органската материја што обично се наоѓа во кометниот материјал затоа што им недостига кислород и азот.

- Претпоставуваме дека јаглеродните материјали се формирани од органска материја од кометата преку испарување на испарливи материи како што се азот и кислород за време на загревањето предизвикано од удар - објаснува Мацумото.

Ова значи дека материјалот од кометата пристигнал во регионот во близина на Земјата од надворешниот Сончев Систем, додава тој. Дамките содржат и ситни дупки создадени со ослободување на водена пареа од материјалите на површината на Рјугу.

Истражувачите се надеваат дека ќе дознаат повеќе за пренесувањето на органскиот материјал во вселената пред повеќе од четири милијарди години.

Извор: Nauka
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука