X
 04.09.2018 Живот

Прошетка по Месечината: Приказната на оние што биле таму

Со децении човечка нога нема стапнато на Месечината. Еве како тоа изгледа според зборовите на оние што биле таму.

Последната мисија на САД на Месечината, „Аполо 17“, започнала нешто пред полноќ на 7 декември 1972 година. Екипажот на површината на Месечината поминал три дена, собирајќи примероци и извршувајќи експерименти.

Од Кина најавуваат дека целта им е да испратат астронаути на Месечината до 30-тите години на 21 век. Во меѓувреме, ниеден човек со децении не стапнал на Месечината, поточно од завршувањето на мисијата „Аполо 17“.

Астронаутот Алан Бин почина во мај, што значи дека останаа само четворица живи астронаути кои можат да опишат како изгледа стапнувањето на површината на сателитот на Земјата.

Чарлс Дјук, роден на 3 октомври 1935 година

1
Фото: AFP


Еден од најважните гласови во историјата на Америка бил задолжен за комуникација во вселенското летало за време на мисијата „Аполо 11“ кога Нил Армстронг станал првата личност што стапнала на Месечината.

- Повторно дишеме - рекол тој откако слетувањето било потврдено. Неколку години подоцна водел сопствена Месечева мисија.

- Дали би сакале да дојдете на Месечината со мене? - ги прашал своите деца пред мисијата „Аполо 16“ во 1972 година. Му одговориле дека би сакале да одат со него, па Дјук ветил дека со себе ќе го понесе семејниот портрет.

- Отсекогаш планирав да го оставам таму - рече тој во интервју за „Бизнис инсајдер“ во 2015 година. - Кога го спуштив, тоа го направив за да им покажам на децата дека навистина го оставив на Месечината.

Дјук во 1999 година разговарал со НАСА за возењето на роверот на површината на Месечината.

- Правев фотографии и го опишував теренот таму каде што одевме. Автомобилот беше неверојатен. Одеше на струја, со погон на сите четири тркала и можеше да направи агол од 25 степени. Од целата мисија, единствено жалам што не направивме доволно фотографии на кои има луѓе.

Дејвид Скот, роден на 6 јуни 1932 година

2
Фото: NASA

Роден во Сан Антонио, Тексас, Скот бил во воздухопловството на Америка, пред во 1963 година да ѝ се придружи на НАСА.

Трипати летал во вселената и како командант на мисијата „Аполо 15“ бил седмата личност што прошетала на Месечината и последниот Американец што сам летал околу орбитата на Земјата.

- Се сеќавам... Ја подигнав раката кон точката на која Земјата беше на црното небо. Ја подигнав раката, го исправив палецот и со еден прст ја прекрив целата планета. Еден мал потег и целата Земја исчезна - раскажува тој.

Скот вели дека често го прашуваат за времето што го поминал на Месечината и дали тоа на некој начин го променило.

- Им ја опишувам величественоста на Месечевите планини, вулканските лави и убавината. Само сликар или поет би можел да ја прикаже вистинската убавина на вселената - вели тој.

Харисон Шмит, роден на 3 јули 1935 година

3
Фото: AFP

Роден во Санта Рита во Њу Мексико, Харисон Шмит имал малку поинакво детство од другите патници на Месечината.

Како геолог и научник не служел во воздухопловството, туку бил астрогеолог. Прво ги обучувал астронаутите во текот на нивните геолошки истражувања, пред во 1965 година да стане научник-астронаут.

Во август 1971 година станал дел од последната мисија „Аполо 17“, заменувајќи го Џо Енгл. Шмит во декември 1972 година, со командантот Џин Кернан, слетал на Месечината.

Овој екипаж на „Аполо“ ја направил познатата фотографија „The Blue Marble“, подоцна една од најпознатите и најкористените фотографии во историјата.

Во интервју за НАСА во 2000 година, Шмит изјавил дека светлината што паѓала на Месечината правела неверојатни детали.

- Јасно можеа да се видат формите. Имав можност да ја видам таа неверојатна долина во која бевме, долина подлабока од Големиот кањон. Планини високи околу 2.000 метри од двете страни, долги 56 и широки 6 километри - раскажува тој.

Шмит изјавил дека една од најтешките работи на кои човек треба да се навикне на Месечината е темнината.

- Најголемиот проблем што фотографите го имаат во правењето фотографија од вселената е како да печатат апсолутно црнило. Овие слајдови што ги прикажувате секогаш ќе имаат малку сина заднина, едноставно не е возможно да се добие тој контраст што го имавме на Месечината. Небото беше црно.

Едви Баз Олдрин, роден на 20 јануари 1930 година

4
Фото: NASA


Роден во Њу Џерси, Олдрин станал астронаут во 1963 година и шест години подоцна бил дел од мисијата „Аполо 11“ - првата што испратила астронаути на Месечината.

Дел од мисијата бил и Нил Армстронг, кој ги направил првите чекори на Месечината, а тоа го направил и Олдрин, неколку минути подоцна. Тие двајцата на површината на Месечината поминале 21 час и 36 минути. Нивното летало слетало во областа наречена „Морето на спокојството“.

Фотографиите на кои Олдрин слегува од леталото со кое пилотирал и шета по површината на Месечината, а кои Армстронг ги направил, се меѓу најпознатите во светот.

Во 1998 година Олдрин ја опишал Месечината како површина прекриена со фин темносив прав, како прашина и камења, а бестежинската состојба ја опишал како еден од најзабавните, најпредизвикувачките летови во вселената.

По своето патување на Месечината, Олдрин повеќе пати истакнал: - Еден ден ќе испратиме луѓе на површината на Марс.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот