X
 14.07.2023 Живот

Машиновозач од Јапонија казнет со 0,43 евра зашто задоцнил 1 минута: Бара отштета од 17.000 евра

Машиновозач од Јапонија го тужел својот работодавец затоа што му скратил 56 јени, или 0,43 евра од платата како казна што возот пристигнал една минута подоцна. Во образложението на компанијата се наведува дека на возачот му е одбиен дел од платата затоа што не работел во таа минута.

На почетокот на годината тој поднел тужба против една од водечките јапонски железнички компании, која го казнила за професионална грешка што ја направил во јуни 2020 година.

Машиновозачот бара компанијата да му плати 2,2 милиони јени, што е околу 16.800 евра, како компензација со камата за психолошките проблеми што наводно му ги предизвикала целата ситуација.

Машиновозачот требало да управува со празен воз до станицата Окајама на југот на земјата, но пристигнал на погрешна платформа, чекајќи неговиот колега да ја преземе смената. Кога ја сфатил својата грешка, се упатил кон десната платформа, па примопредавањето на смената доцнело две минути, што потоа предизвикало доцнење од една минута на возот.

Од компанијата сметаат дека е оправдано да се казни работникот за пропустот, но тој мисли поинаку и објаснува дека доцнењето е предизвикано од минимална човечка грешка.

Вработениот одбил да ја прифати казната и тврдел дека доцнењето не предизвикало вистински нарушувања на возниот ред, ниту пак им нанело проблеми на патниците бидејќи возот за време на инцидентот бил празен.

Компанијата, сепак, тврди дека го применила принципот „нема работа, нема плата“, како што би било во случај вработен да доцни на работа или да станува збор за неоправдано отсуство.

Во март возачот го однел случајот до Окружниот суд во Окајама, каде што сега бара отштета.

Јапонскиот железнички систем редовно се истакнува во светот како пример за беспрекорна ефикасност и точност. Во 2017 година светските медиуми ја пренесоа веста дека железничкиот оператор искрено ѝ се извини на јавноста за „огромните проблеми“ што ги предизвикал бидејќи возот тргнал 20 секунди пред време. Доколку возот доцни повеќе од пет минути, на патниците им се издава потврда која може да ја користат како оправдување за доцнењето.

Извор: Telegraf.rs
Фото: Unsplash
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот