X
 14.08.2018 Живот

Затвор во кој кравите се позатворени од затворениците

Нема ни шест часот наутро, а Алфред веќе ги молзе кравите. Но, кога неговата работа на фармата ќе заврши, тој нема да си оди дома, туку ќе се врати во неговата затворска ќелија.

Во Шведска, каде што ѝ се дава приоритет на рехабилитацијата наместо на долгите затворски казни, Алфред е еден од 60-те притвореници што се подготвуваат повторно да се интегрираат во општеството во таканаречен „отворен затвор“ со минимално ниво на обезбеденост, кој функционира како фарма во градот Мариестад, на околу 300 километри југозападно од Стокхолм.

Затворен од април за илегално поседување оружје, Алфред е дедо кој е во 50-тите години од својот живот и треба да биде ослободен во ноември. Тој не може да ја сокрие радоста која му ја предизвикува поминувањето време со животните.

- Ми се допаѓаат, ме смируваат - вели тој.

Во овој затвор обврските се исти секој ден. Тој се среќава со неговиот работен партнер Софијан наутро на два и пол часовна работа и уште еднаш попладнето. Другите затвореници што работат на фармата ги наводнуваат растенијата, ги поправаат портите и ја косат тревата. Некои од нив се одговорни за живината.

Шведска е меѓу земјите со најмалку затвореници во светот: има 0,5 затвореници на илјада жители, што е половина од бројот во Франција. Оваа скандинавска нација напорно работи на избегнување на затворот. Наместо тоа, во Шведска се преферира условно ослободување, користење електронски алки и затворениците се ослободуваат откако ќе отслужат две третини од казната.

Исто така, Шведска инвестира во реинтегрирање преку часови по јазик и стручни обуки. Само помалку од една третина од затворениците во Шведска направиле нов прекршок откако излегле од затвор по отслужувањето на казната, што е половина од процентот во Франција, покажуваат статистиките од шведските и француските затвори.

Како и во сите затвори во Шведска, така и во овој затворениците си имаат ќелии, само што тука тие се отклучени. Нема безбедносни камери, нема порти и на затворениците им е дозволено слободно да се движат. Ова не е единствен ваков затвор во Шведска, ги има неколку. Затворениците отслужуваат казни за разни прекршоци - од возење без дозвола до кривични дела поврзани со данок или напади, но затворениците кои ќе се сместат таму се смета дека не се закана за општеството.

- Ги броиме затворениците наутро, преку денот и попладнето и цело време знаеме каде се. Ако направат нешто погрешно, ќе одат во пообезбеден дел - вели Брит Мари Јохансон, раководител на затворот.

Затворајќи ја оградата на пасиштето, по завршувањето на молзењето на кравите, Алфред се шегува дека кравите се позатворени од затворениците.



Затвoрениците работат 35 часа неделно со два слободни дена и за работата им се плаќа по 1,15 долар од час. Алфред признава дека во слободните денови редовно оди во шталата за да провери дали е сѐ во ред. И други затвореници се јавувале во затворот за време на слободните денови ако знаат дека некои крави треба да родат само за да прашаат како поминало сѐ и дали телето е добро.  

Во 2012 година фармата добила награда од шведскиот крал Карл XVI Густаф за квалитетот на млекото.

Покрај тоа што ужива во времето кое го поминува со кравите, Алфред не се гледа себеси во тој бизнис по издржувањето на казната, иако израснал опкружен со крави на фармата на баба му и дедо му.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот