X
 29.11.2018 Живот

Плаќаат за да одат в затвор и барем еден ден да бидат без мобилен

Затворот во Хонгчеон, Јужна Кореја, всушност не е вистински затвор, туку лажен, имитација. Веќе пет години доброволно „затворениците“ тука доаѓаат за да поминат 24 часа, за што плаќаат по 90 долари, и така искусуваат каков е животот во затвор. Не станува збор за робија како во некој од логорите во Северна Кореја, но сепак станува збор за верна копија на еден јужнокорејски затвор.

Во овој затвор се забранети мобилните, забранет е разговор со други посетители, нема огледала, часовници и слични работи. Фотографката Ким Хонг-џи од „Ројтерс“ го посетила „Затворот во мене“ и направила репортажа за установата што од 2013 година ја испробале повеќе од 2.000 затвореници.

- Многу од нив се канцелариски работници што страдаат од стрес и студенти што сакаат да здивнат од јужнокорејската академска култура што бара премногу од нив - вели Ким Хонг.

Според податоците од 2017 година, работниците во Јужна Кореја имале повеќе од 2.000 работни часа, што е третото најдолго работно време од сите членки на ОЕЦД. Стапката на самоубиства е двојно повисока од онаа во САД и е една од највисоките во светот. Ќелиите се за еден човек, а соосновачот на овој затвор, Нох Џи-Хуанг, ја добила инспирацијата од коментарите на својот сопруг, инаку јавен обвинител, кој рекол дека порадо би поминал некое време во самица отколку да се врати да работи 100 работни часа во неделата.

- Луѓето на почеток сметаат дека е тешко да се престојува во затвор. Но, по престојот во затворот велат: „Не е тоа затвор. Вистинскиот затвор е оној каде што се враќаме“ - вели Џи Хуанг.

1
Фото: Reuters


Парк Хје-ри, 28-годишна програмерка во една стартап-компанија, кажува зошто доброволно се одлучила за овој затвор.

- Овој затвор ми дава чувство на слобода. Не би требало да бидам тука со оглед на работата што морам да ја извршувам. Но, одлучив да направам исклучок, да се насочам кон себе за подобар живот - вели таа.

Пред да оди на „отслужување на казната“, со друштвото прошетала по магловитата околина на затворот. Потоа во самиот затвор се подготвила за влегување во ќелијата. Тоа значело задолжителна затворска опрема, облека, оставање на личните работи и церемонија на заедничко поклонување. Како и другите, и Парк Хје-ри во својата ќелија отишла сама, со шолја кафе во раката.

Следувало заклучување. Секоја ќелија на вратите има низок прозорец, а од надворешната страна се гледа поглед кон „слободата“. Во текот на заробеништвото редовно им се послужуваат затворски оброци, и тоа низ мал отвор на дното од вратата. По истекот на служењето на „казната“ сите добиваат потврда за пуштање на условна слобода.

Во јули оваа година владата на Јужна Кореја законски ја ограничи работната недела на 52 часа, и тоа на 40 часа неделно основно работно време и уште најмногу 12 часа прекувремена работа. Компаниите ќе имаат преоден период да се приспособат на новата регулатива, а помалите до 2020 година. Владата предвидува и казни до 17.815 долари по работник на трошок на компанијата, а одговорната личност, односно директорот, ризикува до две години затвор, и тоа вистински.

Претседателот Мун Јае-ин на овој начин сака да ги спаси животите на луѓето, сака да спречи смрт од претерана работа, од страдање во индустриски несреќи и во сообраќајни несреќи предизвикани од ненаспаност на возачите. Владата сака Јужна Кореја да се претвори во општество каде што ќе се поминува време со семејството.

Планот е наместо личниот живот да го жртвуваат за потребите на деловниот живот, да се одлучат на основање семејство. Идејата на претседателот е Јужна Кореја да стане попродуктивна, да создаде дополнителни работни места и да се раѓаат повеќе бебиња, бидејќи во 2016 година стапката на новородени беше само 1,16 дете на жена.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот