X
 18.12.2023 Живот

„Гугл“ ја прослави 25-годишнината со видео од најпребаруваните термини

Од неговото создавање, „Гугл“ го промени начинот на кој учиме и како го истражуваме светот. За да го одбележи 25. роденден, „Гугл“ се навраќа на најпребаруваните теми, луѓе и настани во последните две и пол децении.

Технолошката компанија објави краток филм во кој е прикажано сè, од личности од современата поп-култура до историски настани што го променија светот.

- Пред 25 години светот почна со пребарување - започнува видеото. Меѓу темите прикажани во видеото се „најпребаруваниот прв чекор во историјата“, претставувајќи го слетувањето на „Аполо 11“ на Месечината. Некои од прашањата даваат увид во тоа кои се најпопуларните работи, на пример, 80-тите години беа најпребаруваната деценија, додека Кристијано Роналдо е најпребаруваниот спортист досега. Поп-културата е во голема мера застапена во видеото, при што „Гугл“ ги претставува актерите од Хари Потер како „најпребарувана актерска екипа“, Тејлор Свифт како „најпребаруван текстописец“ и Сунѓерот Боб како „најпребаруван цртан филм“.

Освен видеото, „Гугл“ сподели и „Срч плејграунд“, игра во стилот „Where's Waldo“ каде што корисниците можат да најдат 25 од најпребаруваните луѓе, оброци, места и моменти од изминатите 25 години преку тестирање на нивното знаење и следење на индиции.

- Трендовите беа нашиот компас. Прво навлегуваме во најпребаруваните прашања во светот и од таа ризница избравме 25 тренда кои го доловуваат расположението, предизвикуваат глобална љубопитност и го опфаќаат секој агол од спектарот. Има по нешто за секого, зумирајте доволно и ќе видите - велат од тимот.

Исто така, „Гугл“ ја претстави својата година во пребарување. На глобално ниво, главната вест беше војната во Израел и Газа, додека закрепнувањето на американскиот фудбалер Дамар Хамлин, откако имаше срцев удар, го доведе на врвот на листата со најпребарувани луѓе. Следејќи го трендот на киноблагајните, „Барби“ беше најпребаруван филм, додека „Хогвортс Легаси“ беше најпребарувана игра. „Гугл“ ги сподели и најдобрите пребарувања за неговата апликација „Гугл мапс“, каде што најпребаруван музеј во светот беше Лувр, а паркот Гуел во Барселона беше најпопуларен парк.



Извор: Mymodernmet.com
Фото:
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот