Универзитетот во Мичиген ќе премине на систем за оценување со „положено/неположено“, наместо традиционалните оценки, за студентите во првиот семестар, во обид да ја ублажи кризата со менталното здравје што им се случува на студентите.
Универзитетот соопшти дека неговата цел е да им помогне на студентите од прва година да се прилагодат на барањата на колеџот и да им овозможи на внатрешните мотиви да ги насочуваат кон лично значајни академски патувања, како и да поттикне култура на поврзаност и соработка наместо конкуренција.
Според пилот-програмата, која се однесува на студентите на Факултетот за литература, наука и уметност, на нивните уверенија за положените испити ќе стои само „положено“ или „без кредит“.
Овој потег доаѓа откако истражувањето за менталното здравје, спроведено на 135 американски колеџи и универзитети и објавено минатата година, покажа пониски стапки на симптоми на депресија, анксиозност и суицидни мисли кај студентите.
Студијата „Здрави умови 2024-2025“ покажа дека симптомите на тешка депресија паднале на 18 отсто, што е намалување од 23 отсто во 2022 година, а суицидните мисли се намалиле на 11 отсто, од претходните 15 отсто во истиот период.
Розарио Себало, деканка на Универзитетот во Мичиген,вели дека одлуката да се укине системот со оценки има потенцијал не само да ги реши алармантните стапки на стрес, депресија и анксиозност кај студентите, туку и да го исполни основното ветување како факултет за слободни уметности и науки.
Тимоти Мекеј, заменик-декан за додипломски студии на Факултеот за литература, наука и уметност, исто така изјави дека програмата ќе им обезбеди на студентите непречен премин додека се префрлаат од средно училиште во ригорозно високо образование, можност да ги усовршат своите академски вештини и да изградат рана основа.
Неколку универзитети, меѓу кои Калифорнискиот институт за технологија, колеџот „Свортмор“, колеџот „Велсли“ и Технолошкиот институт во Масачусетс, исто така нудат слични иницијативи за оценките.
Промените доаѓаат во време кога универзитетите се борат да ги одржат стандардите и кај студентите и кај наставниот кадар.
Во мај, членовите на наставниот кадар на „Харвард“ изгласаа да се воведе ограничување од околу 20 отсто за највисоките оценки (А), во обид да се сопре децениската инфлација на оценки, која, како што наведуваат, ја намалува вредноста на врвните академски достигнувања на факултетот.
Промените во Мичиген се случуваат во време кога професорите по математика и науки на Универзитетот во Калифорнија во јуни побараа од одборот да ги врати приемните испити за факултет. Студентите што посетуваат математичка анализа во првиот семестар на „УК Беркли“ покажале сериозни недостатоци во подготовката, наведуваат тие.
- Основната математичка писменост е аналогна на општата писменост; без неа, успехот во СТЕМ областите на универзитетско ниво станува структурно недостижен за студентите - напишаа тие во отвореното писмо, предупредувајќи дека академските стандарди се намалуваат.
Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего, утврди дека процентот на студенти на кои им се потребни подготвителни часови по математика се зголемил на 8,5 отсто во 2025 година, од 0,5 отсто во 2020 година.
- Забележуваме многу сериозни празнини во подготовката што професорите мора одново да предаваат математика за основно училиште, додека истовремено го предаваат материјалот што им е потребен на студентите за науки, инженерство, економија и други квантитативно барани области - додаваат тие.
Кенет Лованде, поранешен професор по политички науки на Универзитетот во Мичиген, вели дека се сомнева оти укинувањето на системот со оценки за студентите во првиот семестар ќе го направи подоцнежното оценување порелевантно.
- Оценките ја изгубија својата вредност како показател за квалитет или извонредност - рече тој.
Извор:
The Guardian
Фото:
Wikipedia