X
 14.09.2019 Наука

Камерата на НАСА „улови“ лавина на Марс

„Рекоиносанс орбитер“, односно „очите“ на НАСА на Марс успеале да снимат неверојатен настан со помош на камера лоцирана на северниот пол на планетата.

Вселенското летало успеало да фотографира лавина што зад себе подигнува голем црвен облак прашина во мај оваа година, благодарение на неговата „HiRISE“ камера.

Она што може да се види се последиците од лавината - ледени блокови што стрмно се тркалаат, оставајќи сè зад себе во прашина. Оваа област е оддалечена само 370 километри од северниот пол на Марс.

- Секоја пролет сонцето сјае врз еден куп слоеви на северниот пол, а топлината го дестабилизира мразот и блоковите се распаѓаат - објаснува Кенди Хансен од Универзитетот во Аризона.

Фотографијата настанала кога вселенското летало било на висина од само 318,2 километри и има резолуција од 32 сантиметри по пиксел.

mars
Фото: НАСА

Иако фотографскиот „улов“ на лавината е неверојатен, топењето на поларните капи на Марс е сосема нормално. Годишните времиња на Марс траат двојно подолго отколку на Земјата, па така пролетта таму почнува во март, а ќе заврши во текот на овие дена.

Марс, веднаш по Земјата, е најпроучуваната планета во Сончевиот Систем и благодарение на роботските набљудувачи, научниците успеале да го подобрат нивното разбирање за неговата сложеност во текот на децениски истражувања. Како и да е, Марс и понатаму изненадува, особено со можноста да видиме нешто толку уникатно како оваа лавина.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука