X
 14.09.2021 Живот

Што навистина мислат шефовите за работењето од дома?

Иако луѓето работат од дома речиси две години, и тоа доста успешно, некои шефови претпочитаат вработените да се вратат во канцеларија. Би-би-си разговараше со неколкумина од нив кои објаснија зошто претпочитаат да работат од канцеларија и зошто им е важно нивните вработени да се заедно.

Еден од нив е 26-годишниот Џејмс Роџерс, шеф на ПР-оддел.

- Нашата работа е концентрирана во канцеларијата и мислам дека можеме да бидеме посилен тим кога сите сме во канцеларија цело работно време. Нашата цел е што повеќе луѓе да се вратат во канцеларија во следните неколку месеци - вели Роџерс. Неговиот став не се разликува од ставот на повеќето шефови, така барем покажуваат анкетите.

Во САД дури 72 отсто од шефовите кои се задолжени за тимови што работат од дома претпочитаат да се вратат во канцелариите. Што се однесува до Обединетото Кралство, повеќето шефови таму би сакале луѓето да бидат во канцеларија најмалку два или три дена во неделата. Шефовите во Шведска, од друга страна, веќе ги тераат луѓето да се вратат, нивниот аргумент е дека примиле две дози вакцина и дека нема причина да работат од дома.

Сето ова предизвикува дискусии за тоа зошто шефовите сакаат луѓето толку многу да се вратат во канцелариите, кога тие доста добро функционираат од дома, но и го поставува прашањето што значи да се работи од дома и што се случува со луѓето кои сакаат да продолжат да го прават тоа.

Потреба за контрола


Иако се покажа дека вработените можат да бидат продуктивни и успешни дури и кога работат од дома, експертите за човечки ресурси велат дека многу шефови изгубиле дел од контролата што ја имале. Со принудувањето да се вратат во канцелариите тие сакаат да вратат дел од таа контрола.

- Кога се гледате со луѓето очи в очи, имате чувство дека држите сѐ под контрола. Вие не ги проценувате луѓето само според она што го гледате на „Зум“, туку и по нивната продуктивност и однесувањето во канцеларијата - вели Пјер Линдмарк, основач и извршен директор на една шведска компанија.

- Управувањето со тим од далечина е потешко и бара сосема нови вештини. Многу луѓе веднаш мораа да се справат со овие услови, па не е чудно што оние што не се приспособиле добро протестираат и бараат работниците да се вратат во нивните канцеларии - вели авторката Маја Мидлимс од Валенсија, која работи од дома.

работа
Фото: Freepik

Сакаат да си го вратат статусот


Другите коментари не се толку позитивни. Блогерот Ед Зитрон тврди дека менаџерите од средно ниво се обидуваат да се вратат во канцелариите за повторно да го воспостават својот статус и да се чувствуваат поважни.

- Некои едноставно ја пропуштаат можноста да изгледаат важно додека одат од состанок на состанок. Тоа може да се види и на „Зум“ и на „Слек“, но кога работите од дома е многу полесно да откриете кој навистина ја завршил работата, бидејќи можете дигитално да процените сѐ - вели Зитрон.

Се разбира, шефовите не го признаваат ова, а Џејмс Роџерс вели дека видливоста на луѓето е многу важна.

- Не е затоа што можеме да „шефуваме“ наоколу и да ги држиме луѓето на око, туку полесно можеме да видиме дали некому му е потребна помош. Полесно е да се види дали некој се бори со задачата и можеме да му помогнеме, отколку кога работи дома - вели тој.

Видливоста не е единствената причина зошто шефовите сакаат вработените да работат од канцеларија. Даниел Бејли, извршен директор на лондонска компанија, вели дека работењето од канцеларија е подобро и за атмосферата. Кога ангажираат некој нов, многу е порелаксирано кога ќе се запознае со сите во живо и кога можат да зборуваат.

- Колку и да се трудиме да ја одржиме атмосферата опуштена, не е лесно кога треба да организирате видеоповици за сите - вели Бејли.

Потешко е да се воспостават контакти

Кери Сибсон, шеф за развој во компанија која штотуку изгради нова деловна област во Лондон, вели дека многу шефови сакаат луѓето да се вратат само затоа што сакаат повторно да организираат настани каде што можат да се запознаат.

- Новите компании честопати наоѓаат можности за развој токму на вакви настани или кога вработените се среќаваат со луѓе од други компании - вели Кери.

Неодамнешното истражување покажува дека многу шефови сѐ уште не им веруваат на своите подредени што работат од дома. Тие, исто така, веруваат дека вработените, кога работат од дома, не се еднакво амбициозни и желни да напредуваат. Тие веруваат дека е полесно да се заменат вработените што работат од дома отколку оние што доаѓаат во канцеларија.

Извор: BBC
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот