Случаите на анксиозност и депресија на глобално ниво се зголемиле за 25 отсто во првата година од пандемијата на коронавирусот, изјавуваат од Светската здравствена организација (СЗО). Околу 90 отсто од земјите што учествувале во анкета на СЗО вклучуваат психолошка поддршка во мерките за справување со коронавирусот, но остануваат главните проблеми и грижи.
- Информациите што ги имаме сега за влијанието на ковид-19 на светското ментално здравје се само врвот на сантата. Ова е повик за будење за сите земји да посветат поголемо внимание на менталното здравје и да работат подобро за да им понудат поддршка во менталното здравје на своите жители - изјавил Тедрос Аданом Гебрејсус, генерален директор на СЗО.
Според организацијата, едно можно објаснување за влошувањето на менталното здравје на населението е невидениот стрес предизвикан од социјалното изолирање, што влијаело врз способноста за работа, барање поддршка од саканите и учество во заедницата.
Фото: Pixabay
Како главни причини за стрес се набројуваат осаменоста, стравот од заразување, болка и смрт, ужаленост и финансиски грижи. Кај здравствените работници уморот е главна причина за самоубиствени мисли.
Од СЗО велат дека младите луѓе се особено погодени и повеќе подложни на ризик од самоубиствено или самоповредувачко однесување, а жените се потешко погодени од мажите. За време на пандемијата услугите поврзани со менталното здравје биле прекинати во многу земји, но и денес многу луѓе не може да ја добијат грижата што им е потребна.
СЗО вели дека земјите трошат само малку повеќе од 2 отсто од буџетот за здравство на менталното здравје, а во сиромашните земји има помалку од 1 психолог или психијатар на 100.000 луѓе.
Извор:
WHO
Насловна фотографија: Pixabay