X
 14.10.2019 Живот

„Летечкиот човек“ си вгради оружје до главата

Британскиот пронаоѓач, „летечкиот човек“ Ричард Браунинг во 2017 година, преку својата компанија „Гравити.ко“, го претстави костим-леталото „Џет-пек“ инспирирано од суперхеројот Ајронмен. Сега, со помош на јутјуб-ѕвездата Џејмс Бретон го опреми својот „костим“ и со автоматско оружје што се управува со движење на главата.

Поради безбедносни причини, за изработката на прототипот не е користена вистинска пушка, туку вештачка, со пластични сачми. Без оглед на тоа, на конструкторите им било важно да докажат дека леталото може да се користи и како воено оружје.

Браунинг со својот пронајдок пред две години постави и Гинисов рекорд летајќи со брзина од 51,53 километар на час. Но, притоа целиот погонски систем е сместен на рацете на пилотот.

Поради управувањето, пак, рацете не може да се користат за други функции, на пр., снимање и пукање со оружје. Се чини и тој проблем е решен. Имено, Бретон во кацигата вградил сензор што забележува во која насока гледа пилотот и препознавајќи ги движењата на човекот, да командува со системот за управување со оружјето.

Следно што треба да се осмисли е заштитна преграда меѓу оружјето и увото, доволно силна да спречи оштетување на слухот поради рафалите на автоматската пушка.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот