X
 14.10.2021 Наша тема

Музеј-галерија во Кавадарци со фотомонографија го одбележа јубилејот

Со монографијата сакаме да се допре до пошироката културна јавност, како од нашиот град така и од целата држава, и со една интерактивна комуникација да се популаризира културното наследство од сите области на музејската дејност, истакнуваат надлежните од Музеј-галеријата


Музеј-галеријата од Кавадарци во септември годинава одбележа еден значаен јубилеј, 45 години од постоењето.
Со изложбата на словенечкиот ликовен уметник Марио Вилхар од Љубљана, бидејќи градот Кавадарци е збратимен со Општина Шишка, во 1976 година свечено беше отворена зградата на Музеј-галеријата.

Оваа културна институција и прв музеј на градот Кавадарци го одбележа овој значаен јубилеј со ретроспективна фотомонографија. Преку призмата на фотографијата се илустрирани фрагменти, мигови од отворање на изложби,
промоции, трибини, реализација на научноистражувачки проекти и гостувања од ризницата на многубројните музејски збиднувања во изминативе пет години.



Сите опфатени моменти се од посебно значење


- Монографијата „45 години локален Музеј-галерија Кавадарци“ претставува јубилејна ретроспективна фотомонографија која ги прикажува најзначајните активности и проекти кои се реализирани во Музеј-галерија Кавадарци, со акцент на активностите и проектите во последните 5 години, односно во периодот од 2017 до 2021 година и е еден сублимат на една успешна приказна во која главен лик е Музеј-галеријата. Се решивме за монографија
од потребата да се допре до пошироката културна јавност, како од нашиот град така и од целата држава, и со една интерактивна комуникација да се популаризира културното наследство од сите области на музејската дејност - истакнуваат надлежните од Музеј-галеријата.

Во фотомонографијата преку призмата на фотографијата се илустрирани фрагменти, мигови од отворање изложби, промоции, трибини, реализација на научноистражувачки проекти, посети од многубројни збиднувања, или како што велат оттаму, огледало - отчет на сработеното.
- Сите опфатени моменти се од посебно значење, но кога би морале да издвоиме, сепак најзначајни се отворањето на Спомен-собата на бардот на македонската песна Никола Бадев, како и ликовните дела кои се во нашата ликовна збирка на основоположниците на македонската современа уметност - Петар Мазев и Глигор Чемерски - истакнуваат оттаму.



Јубилеј со повеќе од 10 изложби

Јубилејот се одбележува веќе цела година на разни начини, со повеќе од 10 изложби и со промоцијата на фотомонографијата

- Музеј-галерија Кавадарци е институција од областа на културата основана во 1973 година и оттогаш нејзина примарна задача е да прибира, истражува, стручно и научно да обработува, заштитува и презентира музејски материјал од сите области на музејската дејност. Како и досега, и во текот на следниот период планираме интерактивна комуникација со јавноста, реализација на проекти од сите области на музејската дејност со акцент на одредени моменти кои би биле значајни во иднина, а во чекор со новата софистицирана технологија која би ги заменила старите вообичаени трендови - велат од Музеј-галерија Кавадарци.

Музеј-галерија Кавадарци е составен од повеќе одделенија: археолошко, историско, етнолошко, галериско и одделение за историја на уметност.

- Покрај основната институција, располагаме и со два депанданти: Спомен-куќата на народниот херој Страшо Пинџур во с. Ваташа и Музеј на мирис и вкус, отворен во 2013 година, во чиј состав во 2018 година е промовирана Спомен-соба на бардот на македонската изворна народна песна - Никола Бадев - споделуваат од Музејот.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема