X
 21.01.2018 Култура

Во едно село во Македонија има куќа изградена со вино

Ми кажаа која е таа куќа. И покрај тоа што сонцето ја печело, ја печело долго време, околу 150 години, куќата се познава, вели историчарот Петре Камчевски, кустос-советник и долгогодишен директор на Музејот во Кавадарци


Селото Ресава денес

Една куќа во кавадаречкото село Ресава е сосема различна од другите. Ако ја загледате во топлите денови од годината кога сонцето силно пече, ќе забележите пoинаква нијанса на ѕидовите. Куќата е правена со вино. Поточно, циглите од кои е изградена наместо со вода, биле правени со вино.
Таа година, 1870, била толку плодна, што ресавските лозја родиле многу грозје. Историчарот Петре Камчевски, кустос-советник и долгогодишен директор на Музејот во Кавадарци, дури напишал и книга за селото.


Петре Камчевски, историчар и директор на Музејот во Кавадарци

- Една година во Ресава произвеле толку многу вино, толку многу грозје, што луѓето не знаеле што да му прават на виното. Најголемиот дел го јаделе, оставале нешто за преку зима, а сè друго се ставало за вино и ракија. Ги наполниле бочвите, секој празен сад. Ако не го продадеш виното некаде до крајот на зимата, веќе кога доаѓа пролетта почнува да фаќа цвет и се расипува, станува оцет – раскажува Камчевски.

Еден човек од Ресава правел куќа и сметал дека ако ги прави циглите со вино, ќе бидат поцврсти. Во тоа време циглите не се печеле, туку сирови се сушеле на сонце. Тој цела куќа ја направил со цигли со вино.
- Ми кажаа која е таа куќа. И покрај тоа што сонцето ја печело, ја печело долго време, околу 150 години, куќата се познава. Учествував во неколку документарци за селата во Кавадаречко. На сите, и на луѓето од Ресава, им велам: „Луѓе, кажувајте приказни. Сите сакаат да слушаат приказни, особено туристите“ – вели Камчевски.


Куќа во селото

Една од многуте анегдоти за Ресава е дека ресавското вино било толку густо, што можело во крпа да се носи.
- Тоа го кажал поп Шаќо, јас ги најдов белешките во Архивот на Македонија. Тоа бил поп Јован Ѓелев-Шаќо, кој бил делегат на Првото заседание на АВНОЈ. Бил поп, но бил и прогресивен човек – раскажува Камчевски.
Тој бил значајна личност во поновата историја на Кавадаречко. Бил роден во Ресава (1876 или 1880 година). Кога имал само неколку месеци, починала мајка му, па го пораснале двете поголеми сестри. Учествувал во Илинденското востание. Драгоцени се неговите спомени за тиквешките војводи. Пишувал за Добри Даскалов, Петар Јуруков и Ѓорѓи Димков-Поповски.


Кавадаречките лозја, Фото: Иксплорингмаседониа

- Поп Шаќо бил очевидец на големата борба што на 13 јуни 1905 година се водела помеѓу четата на Добри Даскалов и турската војска предводена од кавадаречкиот кајмакам Шефки Аки-бег. Тој оставил значајни белешки за оваа борба. На почетокот на Втората светска војна поп Шаќо застанал на страната на НОВ, им се приклучил на борците на Втората македонска бригада каде што бил назначен за бригаден свештеник. Добил повеќе одликувања. Во 1944 година е избран за делегат на Првото заседание на АСНОМ, а на Второто вонредно заседание во 1945 година е избран за член на Президиумот на АСНОМ. Починал во 1954 година – раскажува Камчевски.

Тој вели дека приказните се пресудни за развој на културниот туризам. Не само во Кавадаречко, туку секаде во светот.
- Сум бил на Олимп во Грција неколку пати. Таму нема да најдеш камен на камен. Грците од два камења направиле митологија. Има неколку приватни винарници во Ресава. Мора и ние да го негуваме тој начин на туризам. Луѓето на сите да им ги раскажуваат овие приказни – вели Камчевски.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура