Факултети.мк ги поддржува и промовира младите талентирани и креативни луѓе и со објава на содржина посветена на нивните активности. Да им помогнеме да го добијат заслуженото место во земјава и во светот. Ги охрабруваме сите млади таленти да се обратат во нашата редакција за да можеме да го покажеме нивниот труд пред пошироката јавност.
Иван Димишков-Димиш ја објави својата нова песна „Утопија“, направена во соработка со неговиот долгогодишен пријател Цепо.
- Јас и Цепо се знаеме уште од трета година средно и сфативме дека имаме слични интереси во врска со музика и продукција, па така некако добив желба да направиме заедничка песна. Не ми текнува ни како ми дојде идејата да ја направам музиката, ни како ми дојде идејата за текст, но само знаев дека сакам да направиме песна за ситуацијата во државава. Му ја кажав идејата на Цепо, веднаш се согласи, но се решивме да го оставиме овој проект за понатаму. И оваа година, некаде во март, се договоривме да почнеме да ја правиме песната. Се договоривме дека музиката ќе е моја, микс и мастер ќе направи тој, секој си го напиша својот дел од текстот и како што работевме на песната, сè повеќе и повеќе ни се допаѓаше како звучи, па решивме да направиме и спот за песната. Па, бидејќи едно девојче, кое беше во нашиот клас, Емилија Лазаревска, знае како се снима и монтира, ја прашавме да ни го направи спотот, а таа ни ја предложи Леона Јариќ за снимател и така целиот тим се собра за да го направи овој спот. Името на песната го даде Цепо, мислам дека е многу лесно сами да сфатите зошто песната се вика „Утопија“ - вели Иван.
Тој додава дека и на двајцата им се допаднала темата на песната бидејќи тоа е нешто за што има многу да се зборува.
- Но, затоа ние двајца, а верувам и другите, се надеваме дека еден ден нешто ќе се смени и дека тоа што го правиме ќе вреди - вели Иван.
Иван има свој соло-проект „Dimish“ и е тапанар во бендот „Red18“, а Цепо е во рап-групата „Бригада 3“.
Во продолжение можете да ја слушнете песната.