X
 16.04.2023 Наша тема

Почнав да играм за машки кошаркарски клубови зашто во Штип немаше женски, а сега се стремам да играм во странство, вели 16-годишната Ива Дојчинова

Факултети.мк ги поддржува и промовира младите талентирани и креативни луѓе и со објава на содржина посветена на нивните активности. Да им помогнеме да го добијат заслуженото место во земјава и во светот. Ги охрабруваме сите млади таленти да се обратат во нашата редакција за да можеме да го покажеме нивниот труд пред пошироката јавност.

Ива Дојчинова од Штип има само 16 години, а веќе 9 години игра кошарка. Во 2014 година почнала да игра за кошаркарскиот клуб „Риџис баскет“ од Штип, а подоцна во „УГД Студент“ и можеби тоа немаше да е толку интересно ако овие клубови не беа машки.

- Во тој период во Штип немаше женски кошаркарски клуб. По формирањето на ЖКК „Тим Арена“ во 2019 станав еден од првите членови на овој тим, во кој сум до ден-денес - вели Ива, која воедно учи во Средното медицинско училиште „Јане Сандански “ во Штип.



Ива е заљубена во кошарката и дава сè од себе за клубовите за кои игра, што не останува незабележано.

- Еден од позначајните настапи ми е во сезоната 2021/2022 кога настапував во генерацијата до 16 години (М16) во тимот на ЖКК „Тим Арена“ и бев капитен на тимот, па на државното првенство на завршниот турнир во јуни 2022 во Делчево стигнавме до второто место. Според кажувањето на многу спортски работници, првото место несреќно го загубивме и бевме морални победници - вели Ива.

Таа вели дека нејзин најзначаен настап е учеството со Македонската репрезентација до 16 години на Европското првенство Б дивизија во август  2022 година во Подгорица, Црна Гора. Нагласува дека мотив за уште поголема посветеност на кошарката ѝ е доделената стипендија од Агенцијата за млади и спорт во категоријата „Млади спортски надежи“.

- По завршувањето на Европското првенство, во неформални разговори имав понуди од поголеми клубови кои се натпреваруваат во Првата кошаркарска лига на Македонија - истакнува младата кошаркарка и додава дека најпрвин сака да се афирмира со матичниот клуб ЖКК „Тим Арена“, а потоа да се докаже во нашата елитна лига и да го продолжи развојот надвор од државата.



- Сметам дека во нашата држава има можност за развојот на младите спортисти, но со максимална посветеност на спортот и со подобри услови во спортските сали. За успешен развој на еден спортист, најбитно е да е максимално посветен на спортот, да го сакаме тоа што го работиме. Јас во текот на еден ден поминувам 4-5 часа во спортските сали, фитнес-центрите, патеките за трчање, притоа откажувајќи се од многу излегувања и многу забави со моите врсници - истакнува Ива.



Додава дека за нејзиниот успех се заслужни и тренерите Петре Петковски и Маја Ашкилова, кои несебично ѝ ги пренесуваат тајните на кошаркарската игра, а таа потоа тоа ѝ го пренесува на својата помала сестра Нина.

Според некои информации што ги добила од спортски новинари во Штип, Ива е првата репрезентативка во кошарка во женска конкуренција од Штип.

- Тоа ме прави многу горда бидејќи и првата кошаркарска топка, а со тоа и темелите на денешната современа кошарка се донесени во Штип во далечната 1930 година од Трајко Кошевалиски - вели таа.

Фото: Приватна архива

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема