X
 05.09.2021 Наша тема

Кумановецот Жарко Јовановиќ ги засмева луѓето црпејќи инспирација од секојдневието

Факултети.мк ги поддржува и промовира младите талентирани и креативни луѓе и со објава на содржина посветена на нивните активности. Да им помогнеме да го добијат заслуженото место во земјава и во светот. Ги охрабруваме сите млади таленти да се обратат во нашата редакција за да можеме да го покажеме нивниот труд пред пошироката јавност.

Жарко Јовановиќ е талентиран 26-годишен кумановец кој можете да го видите во Театарот „Куманово“ во некоја од претставите во кои глуми, но можете и да се насмеете со неговите видеа на социјалните мрежи, кои се инспирирани од дневнополитичките настани во земјава, која, како што вели тој, постојано нуди нов материјал за комедија.



Жарко не е класичен стендап-комичар, туку, како што вели тој, неговите настапи се повеќе театарски.

- Не можам да кажам дека е класичен стендап тоа што го правам, повеќе би го нарекол „one person show“ со повеќе ликови, а јас како актер ги играм сите. Или подобро кажано, разликата е таа што во перформансот што го имам поретко го кршам тој имагинарен трет ѕид со публиката, што го прави настапот повеќе театарски - објаснува тој.

Жарко почнал да настапува пред една година и токму почетниот настап му е најдраг.

- Веќе има една година како настапувам во живо, а ако треба да издвојам некој позначаен, тоа дефинитивно е првиот настап од неколкуте што ги имав во кумановската кафеана „Сокаче“ или „Comedy Club Sokache“, ако може така да го наречам. Тој настап наиде на широка прифатеност од великодушните господа кои се чести гости таму и со самото тоа си резервирав уште неколку настапи на истиот терен - вели Жарко.



Инспирацијата за своите дела младиот актер ја црпи од случувањата во земјава, па, како што вели тој, има многу инспирација.

- За типот на комедија, она што го играм јас и темите што ги опфаќам, нашата држава со секојдневните случувања постојано нуди простор за нов материјал - истакнува тој.

Го прашавме и дали е тешко да се насмее македонската публика, а тој ни одговори дека сè зависи за каква публика станува збор, но дека ако кореспондира со темите и тоа да ѝ е поле на интерес, тогаш не е тешко.



Во однос на тоа што смета дека би им помогнало на младите таленти како него да се пробијат на сцената, Жарко отпрвин рече „добро прашање, ако има некој што знае, нека одговори“, но потоа нагласи дека медиумите дефинитивно можат да бидат од помош.

- Веројатно добар маркетинг би помогнал затоа што денеска медиумите се буквално сè. Ако те нема таму, како да не си во игра. Тоа е... Или во превод: работа, работа и само работа, така се успева во денешно време - заклучи Жарко.

Тој веќе има неколку видеа поставени на неговиот јутјуб-канал наречен „Ајде да зажмуримо“, за чија изработка му помагаат Мартин Славољубовски (камера, тон и монтажа) и Елена Клековска (анимација). Во продолжение може да погледнете некои од нив.




Фотографии: Мартин Славољубовски
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема