X
 15.06.2021 Култура

Музичарите во Македонија се и менаџери и маркетинг-агенти, а тоа ја убива инспирацијата, велат од дуото Mayna

Факултети.мк ги поддржува и промовира младите талентирани и креативни луѓе и со објава на содржина посветена на нивните активности. Да им помогнеме да го добијат заслуженото место во земјава и во светот. Ги охрабруваме сите млади таленти да се обратат во нашата редакција за да можеме да го покажеме нивниот труд пред пошироката јавност.

Mayna е музичко дуо составено од Маја Капсарова, која е вокалист и свири на бас-гитара и сајзери, и Џоле Грујовски, исто така вокалист, кој воедно свири на гитара и сајзери. Освен што свират и пеат, Маја и Џоле сами си ја создаваат музиката. Притоа Маја е автор на текстот на песните, а Џоле е аранжер и продуцент. Mayna постои од 2019 година, а стилот на музиката што ја творат и изведуваат е фузија од електро-поп, амбиент, минимал, атмосфер и даунтемпо.



Маја и Џоле се уште еден доказ дека нема сила на светот која може да го запре талентот во борбата за докажување. И покрај тоа што кратко по настанувањето на дуото изби пандемијата на коронавирусот, па тие уште не добиле шанса како дуо одблиску да ја почувствуваат енергијата на публиката, овие амбициозни музичари не прекинале да творат. Тие досега имаат издадено три сингла – „Sky of love”, „Soon together” и „Take me far away from here“, а во тек е снимањето на нивниот деби-албум под наслов „Sky of love“.



- Конкретно со Mayna како дуо сè уште, за жал, не сме имале настап во живо бидејќи само што ја објавивме првата песна, почна пандемијата во која моментално живееме. Претходно сме имале многу настапи во живо, на различни музички проекти, со различни бендови и музичари во Македонија и во странство. Сега моментално работиме на проект, ќе снимаме мини лајф концерт на кој ќе ги свириме нашите песни во живо и се надеваме дека кога ќе попуштат мерките, ќе може да настапуваме во живо - велат тие.



Маја и Џоле се стремат кон создавање уникатна музика која би можеле да ја свират во живо со програма наречена „Ableton“.

- Музиката е комбинација од програмирана музика и инструменти во живо и тој спој е многу интересен за изведба во живо - објаснуваат тие.

Малиот пазар и малите можности за младите музичари во земјава биле причината поради која нивните песни се на англиски јазик.



- Македонија е мала држава, со мал пазар за музика и не нуди големи можности за младите музичари. Затоа ние почнавме да пишуваме песни на англиски јазик, за нашите можности и шанси да бидат поголеми и за да можеме да настапуваме и надвор од Македонија - велат од дуото.



Маја и Џоле потенцираат дека на младите таленти во земјава им е потребна поголема поддршка за да покажат што знаат и умеат.

- За пробивање на музичката сцена, битни се повеќе фактори и потребен е поголем ангажман од музички менаџери и маркетинг-фирми кои би им помогнале во промоцијата на младите музичари. Ние, музичарите, во Македонија сме сами на себе менаџери, маркетинг-агенти и слично. Тоа не е добро бидејќи нашата енергија треба да биде насочена кон создавање уметност, свирење, вежбање, правење музика, а не и на договарање и менаџирање. Тоа ги убива креативноста и инспирацијата - велат тие.


Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура