Колку пати ви се случило да заспиете пред вклучен телевизор по напорен ден? Нови истражувања покажуваат дека луѓето што заспиваат пред вклучен телевизор имаат поголеми шанси да се здебелат и да станат претерано дебели.
Истражување објавено во списанието „Интернал медисин“ ја потврдува оваа врска врз основа на анализа на 43.000 жени. Авторите на студијата дури тврдат дека помалата изложеност на вештачка светлина во текот на ноќта може да биде корисно средство за спречување дебелина.
Се смета дека над 60 отсто од луѓето во развиениот свет гледаат телевизија пред спиење. За некои тоа е ноќен ритуал, а некои луѓе ги опуштаат звуците во заднина и им помагаат да заспијат.
Фото: Freepik
На оваа тема има повеќе контрадикторни студии. Според една, сите видови медиуми го нарушуваат квалитетот на сон кога се користат како средство за спиење. Друго истражување тврди дека користењето интернет го влошува квалитетот на сон, но не и телевизијата.
Некои истражувачи, пак, се согласуваат дека спиењето пред телевизор има добри страни бидејќи звуците во заднина им помагаат на некои луѓе да се опуштат. Освен тоа, гледањето познати содржини може да предизвика чувство на блискост и удобност.
Фото: Freepik
Од друга страна, спиењето пред телевизор може да го наруши квалитетот на сонот и поради сината светлина што се емитува од уредот. Оваа светлина може да биде причина зошто ви е потребно подолго време да потонете во сон, сметаат експертите. Сепак, експертите сметаат дека телевизијата е подобар избор од телефонот или таблетот бидејќи емитува помалку сина светлина.
Генералниот совет на експертите е да се одбегнува секоја ваква навика, но иако телевизорот не е најдобро средство за спиење, сепак е добра алтернатива за оние што имаат потреба.
Извор:
Eklinika