По победата на неговиот тим „Денвер нагетс“ над „Мајами хит“, Никола Јокиќ беше прашан од новинарите дали по натпреварите размислува за работите што ги направил погрешно во текот на натпреварот.
- Лесно е да се биде генерал по војната - одговори трикратниот МВП (најкорисен играч) на НБА и прес-конференцијата продолжи како и обично.
Меѓутоа, еден ден подоцна неговиот цитат - позната балканска изрека преведена на англиски, го преплави интернетот и се најде во многу медиуми.
„Нагетс лид“, твитер-профил каде што се собрани навивачите на „Денвер“, ја нарече една од најтешките изјави во историјата на НБА.
- Тоа значи дека Јокиќ може да дојде до голем број добри идеи по натпреварите, но тие веќе не вредат ништо бидејќи требаше да ги смисли за време на натпреварот - вели новинарот Брендон Маркус.
Дури имаше коментари дека Јокиќ е кошаркарски гениј и филозоф.
За тоа време некои истакнаа дека требало да каже „битка, а не војна“, но и објаснија дека тоа не е реченица што ја смислил Јокиќ, туку е позната поговорка.
Наскоро, како што обично се случува на интернет, сè отиде во друга насока.
- Изјавата на Никола Јокиќ прво ги воодушеви Американците, но потоа предизвика тренд на социјалните мрежи. А ќе го разберете само ако сте од Србија - пишува веб-страницата „Баскетбал сфер“.
Тоа значи преведување на другите познати изреки од Србија и Балканот на „буквален англиски“, каде поентата не е баш важна, туку само зборовите се совпаѓаат.
- Measure twice, cut once (Двапати мери, еднаш сечи) - Никола Јокиќ, напиша еден твитер-корисник, додека друг додаде: „How much money, that much music“ (Колку пари, толку музика).
Имаше и „Please, don't mix grandmothers and frogs“ (Не мешај баби и жаби).
Во меѓувреме, Јокиќ постигнува неверојатни резултати на терен.
Од почетокот на сезоната, по десет одиграни натпревари, во просек бележи трипл-дабл, односно двоцифрен учинок во три статистички категории.
Има 29,7 поени, 13,7 скока и 11,7 асистенции по натпревар.
Тој стигна до 136. трипл-дабл натпревари и му недостигаат само два за да стигне до славниот Меџик Џонсон, за третото место на вечната листа.
Извор:
ВВС
Фото: Screenshot/YouTube