X
 14.06.2021 Здравје

Изреки што ќе ви го подобрат менталното здравје

Има еден микрочекор за подобрување на менталното здравје - изберете си некој исказ (може да биде стих поезија, цитат, стих од песна), кој ви помага да си го најдете мирот и повторувајте го кога ќе почнете да се загрижувате или да размислувате. Тоа може да ви помогне да го намалите стресот, а најдобриот дел е што имате голем избор на изреки. Ние ви нудиме неколку изреки кои ги користат некои луѓе за да се чувствуваат пооптимистично.

„Јас сум таму каде што треба да бидам“

- Кога ќе се замислам за иднината и моите мисли ќе се насочат кон тоа колку далеку морам да одам, си ја повторувам оваа мантра. Ме укотвува во сегашниот момент и ми помага да верувам дека сè се одвива токму така како што треба - вели Шарлот Свајр.

„Сè е добро во моментов“

- Повторувањето на оваа мантра ме потсетува да се вратам во сегашноста и да забележам дека дишам и го живеам моментот. И тоа едноставно ми помага да се релаксирам - вели Ленис Перез.

„Кажи дека можеш или кажи дека не можеш. Како и да е, во право си“

 - Ова си го повторувам кога треба да направам нешто мачно и си наоѓам изговори зошто треба да го одложам. Може да е што било, како чистење на куќата, вежбање, планирање на патување, аплицирање за нова работа или пишување е-порака. Кажи дека можеш да напишеш книга или кажи дека не можеш. Како и да е, во право си - вели Џилијан Поташник.

„Паметна си, љубезна си, важна си“

- Кога закрепнував од врска во која бев малтретирана, си мислев на оваа мантра од филмот „Помошта“. Си ја повторував за да си ги смирам мислите и да си ја зајакнам самодовербата - вели Пеги Шипер.

„Прави ги нештата што треба да ги направиш за да се чувствуваш така како што сакаш да се чувствуваш“

- Овој цитат е на авторката Даниел Ла Порт и ми е во мислите уште откако ја прочитав. Има многу утра кога се чувствувам малку летаргично. Тогаш се потсетувам дека чувствувањето како што сакам да се чувствувам значи пиење ладна вода или правење здрава напивка, одење на прошетка или 10-15 минути пилатес.Тој приод и начин на размислување ми помага да се мотивирам да ги правам нештата што ќе ми помогнат да станам најздравата верзија од себеси - вели Робин Лонг.

„Ако се чувствуваш безначајно, подобро размисли уште еднаш“

- Кога не сум расположена и ми треба позитивно засилување, овие стихови од Бијонсе ме расположуваат - вели Катја Росас.

„Среќата е навика“

- Кога сум под стрес, се обидувам да го препознам и му дозволувам неколку минути да е присутен. По тие неколку минути правам свесен напор да мислам на нешта што ме прават среќна - вели Суприја Кумар.

Извор: Ladders
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје