X
 04.09.2024 Живот

Градоначалничката на Париз сака да ги задржи олимписките кругови на Ајфеловата кула

Изјавата на Ан Идалго, градоначалничката на Париз, дека сака да ги задржи олимписките прстени на Ајфеловата кула кога ќе завршат Летните параолимписки игри, предизвика жестока дебата.

- Одлуката останува на мене, а имам согласност и од Меѓународниот олимписки комитет. Затоа, круговите остануваат на Ајфеловата кула - изјави таа.

Додека некои парижани ја поздравија нејзината одлука, активистите за зачувување на наследството тврдат дека тоа е лоша идеја и дека овој потег го „сквернави“ култниот споменик на француската престолнина.

Пред отворањето на Олимписките игри во Париз, на 26 јули, на Ајфеловата кула беа поставени пет круга широки 29 метри, високи 15 метри и 30 тони тешки. Круговите требаше да бидат тргнати по затворањето на Параолимписките игри, на 8 септември.

Но, Идалго сака да ги задржи испреплетените кругови од сина, жолта, црна, зелена и црвена боја. Круговите што се на Ајфеловата кула сега се претешки, а во иднина ќе бидат заменети со полесни.

Некои парижани и туристи ја поддржаа одлуката на градоначалничката. Но, има и такви што сметаат дека задржувањето на круговите е лоша идеја. Некои сметаат дека Идалго треба да се консултира со парижаните пред да продолжи да ги спроведува сопствените планови и идеи.

 
Идалго е градоначалничка на Париз од 2014 година и е позната по храбрите и понекогаш контроверзни реформи.

За време на нејзиниот мандат, многу улици, вклучувајќи ги и оние покрај бреговите на Сена, станаа пешачки зони.

Нејзиниот предлог за забрана за изнајмување електрични скутери беше изгласан на градскиот референдум, одржан во 2023 година.

Во пресрет на Олимпијадата, Идалго пливаше во Сена со други официјални лица за да докаже дека водата е безбедна.

Меѓутоа, за време на Олимпијадата, триатлон-натпреварите беа одложувани неколку пати поради лошиот квалитет на водата. Истото се случи и со паратриатлон трките, првично закажани за 1 септември.

Извор: ВВС
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот