Денеска во градинката „Кочо Рацин“, објект „Бели мугри“, во Скопје се одржа промоција на три прирачници за воспитувачи - Компетентен воспитувач, Воспитувачот како истражувач и Воспитувачот и средината за рано учење и развој - од авторите: проф. д-р Лена Дамовска, проф. д-р Флорина Шеху и проф. д-р Кирил Барбареев во издание на „Просветно дело“.
На промоцијата, освен претставници од државните и приватните градинки од цела Македонија, беа присутни и претставници од Министерството за труд и социјална политика, претставници од Општина Центар, од Бирото за развој на образованието и претставници од УНИЦЕФ.
Прирачниците се наменети за воспитувачите од детските градинки и се од голема важност за воспитно-образовниот процес поради тоа што првпат во Македонија се издаваат прирачници за воспитувачи со ваков концепт и модел. А првпат по 30 години се издадени дела за предучилишна педагогија.
Имено, во фокусот на овие три изданија се воспитувачите, па така тие се изработени како нивен водич со цел да се понуди можност за развој и усовршување на нивните компетенции. Тие се изработени за да ги поттикнат воспитувачите да ја активираат својата креативност и самите да станат истражувачи, а тоа ќе им овозможи поквалитетно работење во уникатната средина за рано учење и развој. Исто така, во нив се укажува на средината во која престојуваат децата: таа треба да е стимулативна, да е внимателно планирана и дизајнирана и да нуди можност за примена на истражувачките активности во секојдневната работа со децата преку проекти во кои децата ги стекнуваат своите знаења на поинаков начин. Овие три прирачници даваат поинаква димензија на учењето - учење по пат на истражување низ проекти блиски и интересни за децата.