X
 14.12.2018 Наша тема

УКИМ старее! Некои факултети цела деценија молат за нов кадар

Снаоѓање е соодветниот збор за она на што сме принудени. Конкретно, на Шумарскиот факултет нема ниту еден асистент, и тоа е така веќе 8-9 години. Во тие веќе дамнешни времиња, во период од околу 2 години, беа примени нашите најмлади колеги, кои извесно време се доценти, односно и тие се веќе во средната фаза од својата академска кариера, вели деканот на Шумарски факултет, Кирил Сотировски


На Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ немало вработување цели 15 години, на Шумарски последните две вработувања се случиле пред 11, односно 7 години, а на овој факултет нема ниту еден асистент. Речиси и да нема факултет во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на кој не му недостигаат асистенти, технички кадар, па дури и професори.
„УКИМ старее, нема кој да го подмлади“, коментираат декани и професори.

Декани држат предавања, вежби, испити

Емиљ Сулејмани, декан на Педагошкиот факултет во Скопје, вели дека и тоа како имаат потреба од нов кадар.
- Цели 15 години сме немале вработување, а сме побарале многу пати, и порано, и сега. Ниту еден професор нема асистент. Сите асистенти што порано работеа сега се професори, вонредни, редовни и оттогаш сме немале никакво вработување, односно подмладок кој е потребен. Некој треба да ги води студентите до училиштата, градинките, некој на тие студенти треба да им биде ментор итн. Јас сум декан и држам предавања, часови, испити, вежби. Имам 15 часа неделно и немам асистент - вели Сулејмани.



Слична е состојбата и на Шумарскиот факултет во Скопје. Деканот Кирил Сотировски објаснува дека факултетот има 28 вработени, а од нив 19 се академски персонал (16 редовни професори, 1 вонреден кој е на само неколку месеци пред напредување до редовен, и два доценти). Тука се потребни најмалку 7 асистенти.
- Имаме насушна потреба од 5 вработувања бидејќи на 5 катедри практично „чекаат“ магистрирани кандидати, кои низ годините биле ангажирани од одредени професори за работа на проекти. Кај мене лично е најекстремниот пример - истражувач волонтер, веќе 13. година, кој „преживува“ од надниците предвидени од меѓународни проекти (кога ги имаме) и од љубов кон науката и снаоѓање (кога немаме проекти). Тој во меѓувреме успешно одбрани докторска дисертација, а инаку е продуктивен и во меѓународни рамки со свои публикации во реномирани (импакт-фактор) магазини, и веќе е цитиран десетици пати. Тие неколкумина посветени и вредни кадри чекаат државата да се сети дека има високо образование и дека на тоа образование му треба подмладување - вели Сотировски.
И за останатиот персонал, административен и технички, имаат недостиг во сите сегменти на работењето. Од одржување на хигиена, преку чуварска служба, до одржување на објектите, сметководство, студентска служба, библиотека, правни работи. Сето тоа е сведено на по еден или на по ниеден вработен, па сите работат имаат повеќе задолженија.

- Морам да потенцирам, Шумарскиот факултет е одговорен и за одржувањето на дендропарк, на расадник и на шумско-опитна станица, бидејќи сите тие се потребни како за нормална настава така и за истражувања. Низ годините бројноста на вработените е десеткувана, и нормално е дека и тие објекти не се онакви какви што треба да бидат - вели тој.
Само во периодот додека е декан (од ноември 2016 година) во пензија заминале петмина од помошен, односно технички персонал, а не е реализирано ниту едно вработување како замена.


Деканот на Филозофски факултет, проф. д-р Ратко Дуев

Поради просечната возраст на вработените на Филозофскиот факултет, потребно е во наредните години постојано да се вработува млад кадар за да се искористи искуството на постарите професори и да се подготви замена за наставниците што во наредните 3 до 7 години ќе заминат во пензија, нè информира деканот на Филозофскиот факултет од Скопје, Ратко Дуев.
- Кадарот во високото образование не може да се надополни преку ноќ, потребно е време за да се оформи еден наставник. Во моментов се потребни најмалку 12 асистенти или доценти. Полоша е состојбата во администрацијата, за кои места потешко се доаѓа до согласности за вработувања. На пример, факултетот нема секретар, кој учествува во целокупното работење според Закон и Статут. Итно се потребни 8 согласности за административен и помошно-технички персонал - вели Дуев.
Иако во изминатата година по подолго време добиле согласност за две асистентски и две наставнички места, тоа задоволува само една третина од потребите.

Како професорите се снаоѓаат без асистенти?

- Снаоѓање е соодветниот збор за она на што сме принудени. Како и сето погоре кажано, и овој аспект на нашето работење е доведен до апсурд. Конкретно, на Шумарскиот факултет нема ниту еден асистент, и тоа е така веќе 8-9 години. Во тие веќе дамнешни времиња, во период од околу 2 години, беа примени нашите најмлади колеги, кои извесно време се доценти, односно и тие се веќе во средната фаза од својата академска кариера - вели деканот Сотировски.
Тој раскажува дека на последната самоеваулација што ја спровел Шумарскиот факултет, преку анкетен прашалник за студентите, оцените за одржаните вежби, во голем процент, биле видливо послаби за вежбите отколку за предавањата. А предавањата и вежбите ги држат истите професори (поради немање асистенти), но студентите ги оценуваат вежбите како послаби.
- И тоа е сосема логично од повеќе причини. Професорите губат елан и мотивација низ годините, бидејќи голем број од нашите практични вежби имаат и физичка, или мануелна активност (подготвување микроскопски препарати; хербарски, ботанички, дрвни, педолошки, ентомолошки и други материјали; работа со секој студент посебно во изработката на елаборати и сл.). Сето тоа би го работел на многу подобро ниво асистентот (или професорот во своите асистентски денови), со многу повеќе ентузијазам и енергија отколку што го работи професор во позрелата фаза на кариерата. Едноставно, за професорите, понекогаш и самото посветување време претставува проблем бидејќи сме објективно „закопани“ во безброј административни и технички обврски, теренски и лабораториски активности кои се во врска со научни истражувања или со апликативни дејности - објаснува деканот.


Проф. д-р Кирил Сотировски Извор: Јутјуб

И на Филозофски факултет, вели деканот Дуев, ова оди тешко. Тие за да помогнат барем околу административните работи, донеле одлука библиотекарите да вршат функција и на координатори на студиските програми и да помагаат при подготовка на извештаи, декларации, пријави, е-дневник итн.
- Новиот закон нуди можност за ангажирање на демонстратори, но останува проблемот околу нивното финансирање во услови кога опаѓа бројот на студенти, а со тоа и финансиите на факултетот - вели Дуев.

Законот за високо се менува како чорапи

Факултетите се останати без асистенти откако пред десетина години терминот буквално се избриша од сите членови во новиот Закон за високо образование.
Деканот Дуев објаснува дека во новиот предлог на ЗВО, во член 11 за кадровската автономија имало став за враќање на правото единиците без согласност од Министерството за финансии да распишат оглас за вработување за испразнето работно место поради престанок на работен однос на вработеното лице.
- Тоа ќе овозможеше барем да запре кадровската ерозија. Но, за жал, овој став беше исфрлен во собраниската процедура при донесувањето на новиот закон. Од друга страна, со погрешните политики и постојано отворање нови државни високообразовни институции наспроти падот на наталитетот и миграциите на населението, финансиските можности на државата за развој на високото образование се ограничени. Уште од студентските демонстрации во 1968 постоел страв кај сите влади од финансиската и кадровската автономија на Универзитетот. Од друга страна, и недоверба во начинот на финансиското работење и кадровските решенија на факултетите. Имаше многу обиди преку законски решенија, наметнати од преговорите со ЕУ, да се најде некакво решение за натрупаните проблеми. Како професор и научник, верувам дека не постои проблем на овој свет што не може да се реши доколку има волја меѓу сите учесници во одреден процес - објаснува Дуев.



Тој смета дека преку реална финансиска и кадровска анализа, преку одредување приоритети и цели, враќање на кадровската автономија и најважно финансиската автономија, условена со законски решенија базирани врз реални индикатори, промена на начинот на финансирање на универзитетите, промените ќе станат видливи за секој.

Деканот на Шумарскиот факултет, професорот Сотировски, верува дека оваа ситуација е настаната поради многу причини, од најбанални, преку пошироки објективни општествени причини, па сѐ до смислени опструктивни намери на луѓе, односно групи од интерес.

- Некои од причините датираат од поодамна, другите се од поновиот период. Јас сум склон да верувам дека претходната власт, особено премиерот и неколкуте негови беспоговорни извршители кои се одзиваа на титулата министри за образование и наука, имаа генерално зли намери кон УКИМ, но и генерално кон академската фела. За ова мое мислење наоѓам поткрепа во повеќе реални факти, а според мене, најзабележлив е минорниот број вработувања на академски и на друг персонал на УКИМ, додека паралелно на тоа се формираа и се прошируваа други државни универзитети - вели тој.
Според него, и Законот за високо образование се менувал почесто од чорапи, и во пракса станал неупотреблив, а на многу места контрадикторен сам на себе.
- Попатно, таквиот закон се користеше и како убава алатка за дисциплинирање на непослушните и за наградување на послушните. Во тоа време се подигнаа критериумите за напредување на академскиот кадар, и додека на УКИМ главно се почитуваа, а по потреба се контролираа и со диригирани инспекции, во исто време знам за сосема спротивни случаи на тотално непочитување на тие критериуми при избори во повисоки звања на барем неколку факултети на други универзитети - вели Сотировски.
Овој став го поткрепува и со секнатите инвестиции во научни истражувања од страна на МОН.

Решението е во искрени намери и малку храброст

Решението, вели Сотировски, е повеќе од лесно - само се потребни искрени намери и малку храброст.
- Потребно е да се запре со вработување неквалификувани кадри во државната и во локалните администрации, по основа на „партиска“ припадност. Со тоа ќе се ослободат ресурси за вработувања на академски персонал. Понатаму, мора да се воспостават реални, но сепак селективни критериуми, како за избор на помлад академски персонал (идни асистенти) така и за напредување во звања. Може да се навратиме на системот кој толерира не секој што ќе докторира и работи како академски персонал да напредува до редовен професор. Во многу земји е нормално да се оди во пензија и како вонреден професор, и како доцент, па дури и како асистент доктор на науки. Сите го споменуваат системот за мерит (според способности), а онаму каде што веројатно најмногу треба да го применуваме, во високото образование, ние го заобиколуваме и го вулгаризиравме до баналност - дециден е Сотировски.
Тој смета дека со таков пристап ќе може да се врати интересот на најдобрите и на најпосветените студенти да останат на Универзитетот како иден академски кадар.
- Доколку ова брзо не се реши соодветно, јас не сум оптимист, и тоа не само за Шумарскиот факултет во Скопје, туку и за многу други факултети, односно за УКИМ во целост. За жал, реперкусиите се многу пострашни и подлабоки за целото општество отколку што се за УКИМ. „Белата чума“, односно емиграцијата на нашите млади во други земји, е во голема мера поттикната и од неможноста за студирање во современи, соодветни услови, со модерна опрема и со потрошни материјали за практична работа, каде што професорите нема да бидат и асистенти и секретари и курири, односно ќе може целосно да им се посветат на студентите - завршува Сотировски.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема