Движењето Антикоцкање од Тетово денеска организира јавна дебата како дел од процесот да се иницира локален референдум со цел да се прашаат граѓаните дали сакаат да се отстранат објектите за игри на среќа од населените места.
Тие велат дека овој чекор е последица на алармантната ситуација во цела држава поради огромниот број вакви објекти низ цела држава.
- Намерното лошо менаџирање нѐ доведе во ситуација да мораме да бараме начин и решение како да се извлечеме од оваа ситуација. Експертите за право образложија на главната тема - референдум за оддалечување на сите објекти на игри на среќа. Иницијативата ќе потекнува од нас, ќе почнеме од Тетово и ќе продолжиме со идејата во сите други градови и општини да се организира тој референдум и еднаш засекогаш да се реши проблемот со овие објекти на игри на среќа. Прашањето ќе биде дали сме да се оддалечат сите овие објекти за игри на среќа - изјави Џемал Абдиу од Движење Антикоцкање.
Професорот по правни науки Ќебир Авзиу објасни дека ако Oпштина Тетово организира ваков референдум, тоа нема да има облигативна обврска за Владата и Собранието бидејќи државата е со унитарен карактер и законите важат на цела територија. Според него, поважно е што ќе започне процес за кој смета дека ќе има поддршка и од другите општини и градови.
- Факултативен референдум може да распише Советот на Општина, меѓутоа, ние знаеме дека тоа не е од обврзен карактер за Владата и за државата, но сметаме дека индиректно ќе има позитивно влијание. Верувам дека многу граѓани ќе одговoрат со негативен одговор и дека не сакаат да имаат игри на среќа во населеното место. Сметаме дека колку-толку ќе се прати една порака до другите општини, до другите граѓани да почнат да организираат вакви референдуми и кога на цела територија на државата ќе се организираат огромен број референдуми против, тогаш ќе размисли добро Владата дали ќе биде за отворање казина. Целта е тоа, да се организира ваков референдум, од факултативен карактер, меѓутоа ќе влијае позитивно и во наша територија и на ниво на држава - рече професорот Авзиу.
За да се организира локален референдум, потребни се потписи на 20 отсто од вкупниот број избирачи во таа општина. Движењето Антикоцкање се формира во 2016 година и бара промени во законите со цел да се отстранат објекти за игри на среќа надвор од населените места.
Извор: МИА