X
 10.12.2025 Живот

Ова се најдобрите филмови за 2025 година според Американскиот филмски институт

Американскиот филмски институт (AFI) го објави својот престижен список со 10. најдобри филмови за годината, листа која се смета за еден од најверодостојните показатели пред почетокот на сезоната на доделувањето награди.

Меѓу избраните се најдоа очекуваните фаворити како „Аватар: Оган и пепел“ (англ. Avatar: Fire and Ash) и „Грешници“ (англ. „Sinners“), но и некои изненадувања.

Списоците на институтот често се поклопуваат со номинациите за „Оскар“ за најдобар филм. На пример, во 2024 и 2023 година осум од десет филма од листата на институтот подоцна добија номинација за „Оскар“, што на овогодишните лауреати им дава значителен ветер во грб во трката за златната статуетка.

Избрани филмови за оваа година

Овогодишната листа со најдобри 10. филма според Американскиот филмски институт ги вклучува: „Аватар: Оган и пепел“ (англ. „Avatar: Fire and Ash“), „Бугонија“ (англ. „Bugonia“), „Франкенштајн“ (англ. „Frankenstein“) „Хамнет“ (англ. „Hamnet“), „Џеј Кели“ (англ. „Jay Kelly“), „Марти Величествен“ (англ. „Marty Supreme“), „Битка по битка“ (англ. „One Battle After Another“), „Грешници“ (англ. „Sinners“) „Соништа за возови“ (англ. „Train Dreams“) „Злобница: Втор дел“ (англ. „Wicked: For Good“).

Покрај главната листа, институтот оваа година му додели и посебна награда на иранскиот режисер Џафар Панахи за неговиот филм „Еден обичен инцидент“ (англ. „One Ordinary Incident“), кој претходно ја освои „Златната палма“ во Кан.

Најголеми дистрибутери и изоставени имиња

Според дистрибутерите, „Нетфликс“ и „Јуниверсал“ предводат со по три филма на листата. „Нетфликс“ е застапен со „Франкенштајн“, „Џеј Кели“ и „Соништа за возови“, додека „Јуниверсал“ ги има „Злобница: Втор дел“, „Бугонија“ и „Хамнет“ преку својата подружница „Фокус фичрс“. Од друга страна, некои големи американски остварувања кои ги исполнуваат критериумите не се најдоа на списокот, вклучувајќи ги „Ф1“, „Куќа од динамит“, „Нирнберг“, „Член на семејство“ и „Спрингстин: Избави ме од никаде“.

Сите лауреати ќе бидат свечено одбележани на годишниот приватен ручек кој го организира институтот, а кој ќе се одржи на 9 јануари 2026 година, во хотелот „Фор сизонс“ во Лос Анџелес. Овој настан се смета за еден од врвните моменти на наградната сезона и собира клучни имиња од филмската индустрија.

Извор: 6yka.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот