„Фортнајт“ добива начин на игра кој многу потсетува на „Кантер страјк“
„Епик гејмс“ воведува нов начин за играње „Фортнајт“ кој многу потсетува на игрите „Кантер страјк“ и „Валорант“. Според официјалното соопштение на „Епик“, Балистик“, како што се нарекува, е динамична, тимска игра каде што стратегијата, тактичката соработка и индивидуалните вештини се клучни за победа.
- На почетокот од натпреварот играчите во „Балистик“ се поделени во две екипи – напаѓачи и дефанзивци. Целта на напаѓачот е да постави уред за создавање пукнатини во реалноста, „рифт поинт ивајс“, на една од двете специфични локации на мапата. Бранителите, од друга страна, се обидуваат да го спречат распоредувањето и активирањето на тој уред – објаснуваат од „Епик“.
Во „Балистик“ нема повторно оживување. Рундата завршува ако уредот „рифт поинт дивајс“ експлодира или ако еден тим целосно го елиминира другиот. По шест кола, играчите ја менуваат страната, а натпреварот завршува кога една екипа ќе победи вкупно седум кола.
Инаку, ова не е првпат „Епик гејмс“ да воведува елементи инспирирани од други игри. Трките или фестивалите на „Фортнајт“ јасно земаат елементи од „Рокет Лиг“ на „Псајоникс“ и „Рок Бенд“ на „Хармоникс“ (компанија што ја поседува „Епик“), додека преживувањето во „Лего“ е слично на „Мајнкрафт“.
Извор: bug.hr
Фото: YouTube screenshot