Истражувањата покажале дека фталатите (како DEHP, DBP, DIBP и BBP) претставуваат значителни здравствени ризици, особено за децата. Во САД, одредени фталати се забранети во детските играчки, но нема ограничувања за нивната употреба во парфеми и производи за лична нега, како шампон и сапун. Европската Унија, исто така, ги забрани фталатите во играчки за деца под три години и во козметичките производи, но употребата на сите фталати не е забранета - регулирана е само количината што може да ја содржат производите.
Професорката по фармакологија и токсикологија Андреа Гор од Универзитетот во Тексас препорачува да се избегнуваат производи со додадени мириси, вклучувајќи парфеми, миризливи лосиони, шампони, детергенти и антиперспиранти.
- Литературата за изложеност на фталати, особено кај децата, е крајно загрижувачка - истакнува таа.
Фталатите се ендокрини нарушувачи, што значи дека го попречуваат нормалното функционирање на хормоните во телото. Ова може да предизвика сериозни развојни ризици кај децата. Една студија, на пример, покажала дека поголема концентрација на фталати во урината го зголемува ризикот од АДХД кај адолесцентите за 25%.
Но, ризиците не се ограничени само на децата. Кај возрасните, фталатите се поврзани со кардиоваскуларни болести. Една студија кај жени покажала значителни здравствени придобивки по исклучувањето на производите што содржат фталати - намалување на нивото на фталати во урината и намалување на генот поврзан со рак на дојка, по само 28 дена. Иако некои тврдат дека нема доволно докази оти фталатите се штетни за луѓето, опсежните тестови на животни укажуваат на нивните негативни ефекти. Според професорката Гор, хормоните на ендокриниот систем кај луѓето и животните се толку слични, што резултатите од овие студии се повеќе од доволен доказ.
Проблемот е што фталатите не се присутни само во парфемите - тие се наоѓаат во многу производи, како што се пластична амбалажа, кеси за ѓубре и ултраобработена храна. За да се намали изложеноста, се препорачува да се избегнува загревање на храната во пластични садови и да се изберат производи без фталати.
Ендокринологот Ребека Џеун од Универзитетот во Луисвил истакнува дека не е можно да се елиминираат сите потенцијални ендокрини нарушувачи од животот.
- Фокусирајте се на промени кои се одржливи и приспособени на вашиот животен стил и ресурси - советува таа.
Извор: 24sata.hr
Фото: Freepik